Денарот останува стабилен, а фиксниот курс е клучно сидро на стабилноста на македонската економија, констатира агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ во извештајот во кој го потврди кредитниот рејтинг на земјава „ББ +“, со негативен изглед, објави Народната банка.
Во однос на девизните резерви се констатира дека достигнале 3,7 милијарди евра во септември и со оглед на добрата надворешна позиција, се очекува да бидат стабилни и во 2022 и 2023 година, одржувајќи соодветна покриеност.
Во извештајот се потенцира и сведувањето на основната каматна стапка на историски најниското ниво, при што „Фич“ очекува олабавена монетарна политика на Народната банка и во следниот период, во отсуство на зголемување на стапката на инфлација во текот на следната година и на натамошни притисоци врз домашниот девизен пазар.
Од „Фич“ оценуваат дека банкарскиот сектор ја задржа силната основа и покрај пандемичниот шок и постепеното укинување на мерките на финансискиот сектор за „олеснување“ на финансискиот товар на домаќинствата и претпријатијата. Притоа, се наведува дека банкарскиот систем е соодветно капитализиран и профитабилен.
Агенцијата предвидува раст на македонската економија од 4,1 отсто во 2021 година и 4,3 отсто во 2022 година, како резултат на поволните економски услови на клучните извозни пазари.