Фудбалската федерација на Македонија ќе добие нови средства од УЕФА во висина од еден милион евра. Тие ќе служат за подобрување на фудбалската инфраструктура во Македонија.
На денешната прес – конференција за укажаната доверба од УЕФА и за новите проекти од стратешкиот план на федерацијата говореше генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски.
„Денеска официјално можеме да потврдиме дека ФФМ со помош на УЕФА е способна институција да ги поддржи важните идни проекти во нашиот фудбал, од изградбата на инфраструктура до работа со млади категории, кои се во нашиот фокус и согласно стратешкиот план на федерацијата.
Фудбалската федерација на Македонија веројатно е единствената спортска институција во нашата држава која на таков начин, со средства од свои и извори од меѓународните фудбалски институции, ги реализира своите проекти и никогаш нема да се измориме од тоа! Од давањето поддршка, материјална и секаква друга во сите спортски средини во Македонија“, посочи Поповски.