Обвинителката Фатиме Фетаи која денеска испадна од трката за републички јавен обвинител, по одлука на Советот на јавните обвинители, кој одлучи дека немала комплетна документација, за ,,Фокус” вели дека Советот треба да ја преиспита ваквата одлука. Според членовите на советот Фетаи не доставила уверение за познавање на македонскиот јазик и уверение за деловна способност.
-Убаво би било Советот на јавните обвинители уште еднаш да ја преиспитаат својата одлука. Познавањето на македонскиот јазик и уверение за деловна способност се општи услови, кои се подразбира дека ги исполнуваме уште кога сме избрани за обвинители. Доколку не ги исполнуваме овие два услови воопшто не би можеле да работиме како обвинители, ни изјави Фетаи.
Таа појаснува дека ако и за двете работи Советот смета дека мора да се докажуваат со посебен документ, тогаш ниту една од досега поднесените документации не е комплетна, бидејќи никој не доставил уверение за познавање на македонскиот јазик.
-Деловната способност е еден од општите услови предвидени за секој обвинител, не само за републички. Би било пожелно ако веќе Советот се држи до став како денешниот да одговори колку од сите досега избрани јавни обвинители во државата, во минатото и сега, имаат доставено уверение за докажување дека се деловно способни, потенцира Фетаи.
Таа со останатите документи доставила лекарско уверение според кое е психофизички способна да ја извршува функцијата.
Денеска Советот на јавните обвинители зелено светло му даде само на Љупчо Коцевски, а од трката ја исфрли обвинителката Лидија Раичевиќ.
Валентина Вурмо