Јавната обвинителка, Фатиме Фетаи, со одговор до адвокатот Мефаиљ Арслани, кој ги демантираше нејзините тврдења дека пренел закани од пратеникот на ДУИ, Ејуп Алими, упатени до обвинителот Гаврил Бубевски.
Фетаи го проширува тврдењето и вели дека за случајот кога адвокатот и ги пренел заканите има уште еден сведок, кој ја дал истата изјава. Адвокатот побара извинување од Фетаи, но таа возврати со закана за тужба за клевета и навреда.
Нејзиното соопштение го пренесуваме во целост:
„Во врска со „демантот“ на адвокатот Мефаиљ Арслани, во кој, со прилично дискутабилен речник изнесува навреди спрема мене, наведувам дека јас во целост стојам на она што во текот на вчерашниот ден го кажав дека се случило.
По барање на обвинителот Гаврил Бубевски дадов и изјава за настанот, како истиот би ја поткрепил пријавата која сака да ја поднесе. Таква иста изјава ќе дадам и пред јавниот обвинител кој ќе постапува по пријавата, доколку бидам повикана на сослушување. Впрочем, за целиот настан има уште еден сведок кој ја дава истата изјава.
Настанот, кој се одвиваше на паркингот кај Т.Ц. Мавровка (во близина на местото каде што живеам) е случен во првата половина на ноември минатата година и доколку сум сакала медиумска покриеност, како што тврди адвокатот Арслани, ќе ги известев медиумите веднаш. Сепак, заради фактот што во тој момент не бев сигурна во каква психичка состојба (афект, очај и сл.) истиот ги кажува заканите, сметав дека не е потребно да реагирам, како не би му нанела ненадоместливи последици по неговата кариера. На истиот став беше и обвинителот Бубевски, кој од овие причини и не поднесе пријава во тој момент. Сепак, имајќи го предвид целокупното однесување на адвокатот после овој настан, обвинителот Бубевски оцени дека треба да го пријави настанот, за кој дадов изјава.
По докажување на кривичното дело за кое ќе биде поднесена кривична пријава и кривична одговорност, како и целосно расчистување на случајот, секако дека против Мефаиљ Арслани ќе иницирам постапка за навредите и клеветите“, стои во реакцијата на Фетаи.