Одолговлекувањето на судските предмети и ризикот од застарување на предметите влијае на перцепцијата на граѓаните во правосудството. Затоа не е доволно само разрешување поради нестручно и несовено работење, туку потребно е детално постапување и испитување на сите индикатори за потенцијална корупција.
Во однос на промената на судечките совети и враќањето од почеток, додека се чека да се најде законско решение што да се прави кога мандатот на поротникот ќе заврши или исполни услови за пензија, потребно е преземање превентивни мерки, кои не бараат никакви законски измени, како што се давање приоритет на одредени предмети или ставање резервен судија поротоник.
Ова го порачаа учесниците на јавната дебата „Истражување и анализа на состојбите со корупцијата во правосудството“ во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Судијата на Основен кривичен суд Скопје Владимир Туфегџиќ, во однос на прашањето на промена на судечките состави и влијанието на тоа кривичните предмети да започнат одново, смета дека треба да се почне да се размислува на законски измени, кои ќе овозможат решение.
– Со оглед дека постапката се прави токму поради промена на член на судечкиот совет, во таа насока, според мене, треба да се дозволи по барање на претседателот на судечкиот совет му се продолжи мандатот до завршување на постапката во сложен кривичен предмет или да се овозможи на новиот член на судечкиот совет да биде запознаен пред се со материјалните докази надвор од главната расправа, а по однос на вербалните докази, за што јас се согласувам дека непосредното забележување влијае сепак на градењето на одлука на новот член на Судечкиот совет и во таа смисла, доколку тој не инсистира на таква работа да се дозволи тие да се изведат одново со читање, изјави Туфегџиќ.
Како уште едно можно решение Туфегџиќ го посочи зголемувањето на границата која постои сега за надлежно постапување на судија поединец и тој да суди кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од не повеќе од пет години, со што ќе се растерети судот.
Според вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи од Скопје, сите сме сведоци на одново и одново започнување на значајни предмети, особено на тие од поранешното СЈО, и затоа треба да се размисли за законски измени, но и дека има работи кои може превентивно да се преземат без никакви законски измени.
– Пред да дозволиме сите битни предмети да ни застарат, чекајќи да најдеме решение што да се прави кога мандатот на поротникот ќе заврши или исполни услови за пензија, сметам дека од страна на судиите и претседателите на судиите треба превентивно да се преземат мерки, кои не бараат никакви законски измени, туку бараат добар план за работа. Тоа значи кога ќе се прими предмет, треба да се види кога застарува и колку обвинети има и на тој начин да се даде приоритет на предметот, како и при одредување на судечкиот совет да се види возраста на човекот кој се става за судија поротник, за тој да може да се заврши пред да се пензионира. Друга можност, е и ставање на судија поротник за резерва, со цел да не се случи враќање на предметот од почеток, доколку некој судија поротник биде спречен да учествува, изјави Фетаи.
Треба да се размилсува за законски измени, но нагласи Фетаи, ова сега треба и може да се прави.
Според поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур Маргарита Цаца Николовска, токму кај застарувањето на предметите може да се најдат елементи на корупција, и затоа не е доволно само разрешување поради нестручно и несовено работење, туку потребно е детално постапување.
– Сите ние се прашување зошто некој судија е разрешен, зошто нема некои подетални објаснувања за неговото разрешување. Самата констатација дека станува збор за несовесно и нестручно работење за мене не е доволна. Токму, кај застареноста на одредени постапки или долготрајноста на постапките може да се најде елемент на коруптивност, тоа е работа на органите кои што треба да го испитуваат тоа и да го вршат прогонот, изјави Николовска.
Длабинското испитување на причините за застареност, нагласи таа, не треба да бидат само протекот на време, туку секоја индиција треба да биде предмет на постапување на органите.
– Преку сите тие индиции може да се дојде до одредени докази. Па и ако нема одговор на одредени прашања, каде одреден судија вели „не знам од каде ми е имотот“, од каде може да не знае? Тоа се работи кои што апсолутно не треба да се прифатат и апсолутно може да се откријат. Во такава една ситуација ќе се олесни работата и на Антикорупцијата и на постапувањето на МВР, Обвинителството и на крај судството за да се направи дистинкција меѓу оние условно речени коруптивни судии и оние кои се чесни во работата, изјави Николовска.