Најголемиот регионален музички фестивал „Егзит“ вчера почна на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, а во текот на четири дена ќе настапат десетици локални, регионални и светски познати изведувачи во различни жанрови.
Овој пат беа организирани дури три фестивалски отварања: првото беше на сцената „Пача мама“ со настап на бендот Сарасвати Друна, а прославата потоа продолжи на Денс арената, со настап на Вилан Маркус. А финалето на првиот ден е отворањето на фестивалот од вселената со мотивацискиот говорник Аубри Маркус.
Душан Ковачевиќ, основач и директор на „Егзит“, рече дека тројното отворање на фестивалот е промоција на концептот, нова земја.
„ Тоа е простор на луѓе кои меѓусебно се однесуваат со љубов во една добра енергија, добар дух, без поделби, борби и порака за мир и заедништво што ја испраќаме до целиот свет. Порака од вселената го кажува токму тоа“, рече Ковачевиќ.
Отворањето на „Егзит“ од космосот, како што објасни Ковачевиќ се случило спонтано.
„Годинава кампањата ја нарековме „Излези од вселената“, а потоа луѓето од Комитетот за вселена не контактираа и рекоа дека имаат сателит и ни понудија можност да се отвориме од вселената. А сателитот го нарекоа ‘Егзит’, кој ќе лета над Србија во моментот на отворањето“, објасни Ковачевиќ.
Главната сцена ја отвори „Шајзербитерлемон“, а пред свеченото отворање „Вијагра бојс“ се претставија со одличен настап, како вовед во долгоочекуваните и феноменални „Продиџи“.На танцовата арена доминираа дамите на грамофонот, како дел од целосно женскиот концепт, па публиката уживаше во Нина Кравиќ, Амелија Ленс, Индира Паганото, Тијана Т и, се разбира, Вајлана.
Организаторите на фестивалот Егзит очекуваат рекордна посетеност. Се проценува дека во текот на четирите дена ќе има над 200.000 луѓе од најмалку 120 земји.
Најголем број странски гости годинава доаѓаат од Хрватска, потоа Турција, Северна Македонија и Бугарија, но и од другите делови на светот – од САД и Мексико, до Австралија и Нов Зеланд.