Симеон Атанасов, едно од децата кои ги одгледа легендарната Есма Реџепова, и кој до крајот на нејзиниот живот и беше менаџер, заедно со ,,Есмас бенд” настапи на фестивал во Цирих, Швајцарија. Вели дека по кој знае кој пат, повторно се докажало дека кралицата на Ромската песна, Есма, е многу повеќе ценета и почитувана надвор од нашата земја. Во нејзина чест, фестивалот на Ромски песни на кој што настапиле, во иднина ќе го носел нејзиното име.
-На 13 – от Џипси Фестивал кој се одржа во Цирих, настапи и ,,Есмас бенд”. Традицијата продолжува. На манифестацијата каде Есма беше честа гостинка, сега продолжуваме со учество ние, нејзините музички наследници. Нашиот пријател Кристијан Фоцх не покани да настапиме со неколку песни и така да ги потсетиме сите обожаватели на музиката на нашата Мајка Есма. Публиката беше воодушевена, не пречекаа и испратија со овации. Очигледно е дека песните на Есма оставија траг кој не може да се избрише, таа живее во срцата на нејзините почитувачи низ целиот свет – раскажува Симеон за ,,Фокус”.
Тој додава дека со бендот се подготвуваат за турнеја низ Европа. Вокалистка во „Есмас бенд” е младата Елеонора Мустафова, единственото девојче кое го одгледа Есма.
-Оваа соработка не завршува тука, во план е да се организира цела турнеја на овој фестивал низ цела Европа. Настапуваат музички групи од Шпанија, Индија, Бугарија, Швајцарија, а она што е многу важно е тоа што фестивалот ќе се преименува во ,,Есма фест”. Ова е уште еден доказ дека странците ја почитуваат многу повеќе нашата мајка – изјави Атанасов.
Есма Реџепова почина во декември 2016 година, по кратко боледување. За време на својот живот одгледала 47 деца и им го пренела музичкиот занает. Беше голема хуманитарка и дури два пати номинирана за Нобелова награда за мир. Еднаш во 1987 година, како кандидат на Црвениот крст на Југославија, а подоцна како адут на Светската организација на Ромите, со поддршка на 76 невладини организации и лајонс-клубовите во земјава.
Вики Клинчарова