Универзитетскиот професор, филозоф и публицист Ферид Мухиќ стана редовен член на Европската академија на науките и уметностите со седиште во Салцбург, Австрија, дознава „Фокус“.
Како што дознаваме и официјално приемот на професорот Мухиќ во оваа реномирана европска инситуција во која членуваат познати и признаени академици, научници и дури 18 нобеловци ќе се случи на 4 март 2017 година.
Мухиќ за „Фокус“ потврди дека деновиве бил информиран за ваквата одлука која не била по негово барање, туку бил кандидиран од почитувачи на неговата досегашна работа од Македонија. Тој кратко ни изјави дека е „пријатно изненаден и дека му причинува големо задоволство да стане дел од Европската академија на науки и уметности во Салцбург.“
Тој е почесен професор на Меѓународниот институт за исламска мисла и цивилизација од Куала Лумпур, на Државниот универзитет на Флорида, Универзитетот Сиракуза во Њујорк, Сорбона во Париз , Универзитетот на Југоисточна Европа и на неколку други универзитети во југоисточна Европа.
Професорот Мухиќ, од Коалицијата со граѓаните, по предлог на СДСМ се најде на петото место на кандидатските листи за пратеници во втората изборна единица.