ФЕЉТОН: Лустрацијата како алатка за политичка пресметка со неистомислениците

by fokus

Во спроведувањето на лустрацијата јавноста немаше никакви гаранции за тоа какви документи доставуваат безбедносните служби, но и Државниот архив на Македонија, и колку тие се вистинити, целосни и точни. Членовите на Комисијата за лустрација истовремено беа и обвинители и бранители и судии

Гордана ДУВЊАК

По стапките на многу поранешни комунистички држави кои отпочнаа процес на лустрација како начин на решавање на неправдите од минатото и политички мотивираните судски постапки, Македонија по повеќе од 15 години од осамостојувањето реши да донесе законска рамка која ќе ги оневозможи поранешните соработници на службите да вршат јавна функција. Законот беше донесен со консензус и во име на жртвите од претходниот систем, но во практиката не се направи обид тие да се идентификуваат, а камоли, пак, да се рехабилитираат.

Уште од самиот почеток на работата на Комисијата за верификување факти (Комисија за лустрација) во 2009 година, целиот процес го следеа многу контроверзии и нелогичности.

Опозицијата тврдеше дека процесот на лустрација се злоупотребува против критичарите на владата, особено кога во 2012 година беше донесен нов закон кој во целост ја измести првичната идеја и се спроведуваше на карикатурален начин. Во знак на протест беа повлечени двајцата опозициони членови од Комисијата.

И ОБВИНИТЕЛИ И БРАНИТЕЛИ И СУДИИ

Речиси без исклучок, лустраторите без никаква проверка ги земаа за веродостојни и точни документите од службите за државна безбедност, пишувани рачно или на машина, кои инспекторите најчесто ги составувале во политичко-полициски постапки, а не како резултат на заснован соработнички однос. Во спроведувањето на лустрацијата јавноста немаше никакви гаранции за тоа какви документи доставуваат безбедносните служби, но и Државниот архив на Македонија, и колку тие се вистинити, целосни и точни. Членовите на Комисијата за лустрација истовремено беа и обвинители и бранители и судии.

Според професорот Владимир Пивоваров, при работата на безбедносните служби „апсолутно се случувало определени лица, оперативни работници, да го докажуваат својот квалитет во работењето со тоа што пишуваа оперативни информации за определена безбедносна појава во некој сегмент, каде што секогаш, за секоја информација, на крајот мораше да стои извор на сознанието“.

Новиот закон, кој го „прошири и надгради“ Законот од 2008 година, донесе големи промени. Се промени дури и самиот назив, кој официјално гласеше Закон за определување дополнителен услов за вршење јавна функција. Но, тој донесе и многу други новини во споредба со претходниот закон, а една од главните беше јавно објавување на имињата на лустрираните лица на веб-страницата на Комисијата. Се продолжи и временскиот опфат на лустрацијата, кој наместо до 1991 година, се прошири до 2006 година.

За разлика од Законот од 2008 година, во кој соработката се дефинираше како „тајна, свесна, континуирана и организирана соработка и активност, заснована со писмен документ со органите на државната безбедност“, во новиот Закон од 2012 година Комисијата за верификација на фактите (како орган надлежен за спроведување на лустрацијата) доби овластување да лустрира и лице евидентирано во досиејата на органите за државна безбедност како „таен соработник, оперативна врска или таен информатор при оперативно прибирање, известување и податоци што биле предмет на обработка, чување и користење од органите на државната безбедност“.

Новиот закон беше жестоко критикуван во домашната експертска јавност, а негативни критики доби и од страна на Венецијанската комисија, која оцени дека тој не ја остварува целта и се користи за политичка инструментализација и пресметка со неистомислениците.

ДОСИЕ ПОД КОДНО ИМЕ „СЛАВЈАН“

Хелсиншкиот комитет побара уставна проверка и оспори 13 одредби од новиот Закон за лустрација, а еден од главните проблеми беше временскиот период на кој се однесуваше законот, бидејќи се однесуваше на периодот до 2006, а не до 1991 година, кога државата стана независна и воведе повеќепартиска демократија. Спорна беше и одредбата со која се дозволува објавување на имињата на наводните поранешни полициски соработници без право на жалба. Тоа беше трет пат, од 2008 година, на оспорување на Законот за лустрација пред Уставниот суд. Во првите два наврата, Уставниот суд укина неколку слични одредби, но парламентарното мнозинство со голема упорност ги враќаше назад, па дури отиде и неколку чекори напред во предлагањето небулозни решенија.

Според регистарот на лица,за кои Комисијата утврди дека го исполнуваат условот за ограничување на вршењето на јавна функција, што беше објавен на нивната веб-страница, заклучно со 1 септември 2015 година биле опфатени вкупно 203 лица. Имајќи предвид дека за 13 лица се повторила постапката, односно тие се удвојуваат во регистарот, произлегува дека се опфатени 190 лица. Од нив,10 лица се починати до 2012 година, до кога се применувал стариот закон, а 78 лица се лустрирани како починати; за 5 лица не се наведува идентитетотниту, пак, се објавени документи.

Од ова произлегува дека, всушност, 106 се водат како безимени:за нив се наведува само функцијата што ја вршеле, а се лустрирани како починати лица. Од останатите 97 лица опфатени со лустрацијата, 32 се третираат како наредбодавачи, а 66 како соработници на системот.

Комисијата тврдеше дека за време на својот мандат биле проверени 30.000 лица. Меѓу лустрираните лица беа поранешни министри за внатрешни работи и други високи полициски функционери, како: Љубомир Фрчкоски, Добри Величковски, Јован Трпеновски, Стеван Павлески, потоа претседателот на Уставниот суд Трендафил Ивановски, јавни личности, како Владимир Милчин, Ѓунер Исмаил, Ѓорги Спасов, професори, академици, амбасадори, новинари, па дури и судии.

Неколкумина од нив, откако ја изгубија правната битка во македонските судови, правдата ја побараа пред судот во Стразбур. Најголемиот дел од нив тврдеа дека никогаш не потпишале документ за соработка ниту, пак, добиле паричен износ. Неколкумина јавно излегоа и на прес-конференција, покажувајќи документи дека не само што не биле соработници на безбедносните служби туку дури и самите биле жртви на претходниот режим и поседувале досие дека биле следени низ годините.

Сепак лустраторите го достигнаа дното кога на 28 јуни 2013 г. го прогласија за соработник на тајните служби најпознатиот македонски писател и автор на првиот македонски роман, Славко Јаневски. Иако, името на лустрираниот и одамна починат писател официјално не беше откриено, стана јасно дека се работи за Јаневски, што можеше да се заклучи од назнаките дека се работи за академик и писател познат по делото „Село зад седумте јасени“, а неговото досие е под кодно име „Славјан“.

КРИТИКИТЕ ОД БРИСЕЛ

Според Комисијата, починатиот поет беше лустриран затоа што соработувал со тајните служби и следел писатели и уметници, а пред тајните служби ги кодошел, а за некои тврдел дека пишуваат лоша литература.

Во 2015 година, во согласност со Извештајот на Прибе, како дел од решавањето на политичката криза во Македонија, процесот на лустрација беше запрен, а Комисијата за верификација на фактите продолжи да работи до завршувањето на судските процеси иницирани од дел од лустрираните лица.

По критиките од Брисел, Македонија стави крај на контроверзниот процес на лустрација, чија цел беше искоренување на поранешните соработници на тајната служба, сметајќи дека мисијата е завршена. Пратеници од владејачките партии, во јули 2015 година поднесоа предлог-закон до Парламентот, а од 1 септември истата година престана да важи Законот за лустрација.

Во усвоениот закон се велеше дека Комисијата за верификација на фактите, државна институција за искоренување на поранешните соработници на тајната служба, ја завршила својата работа, што значи дека законот ја остварил целта. Критиките од Брисел дојдоа откако прислушуваните разговори што ги објави опозицијата сугерираа дека владата на Груевски се мешала и во процесот на лустрација.

Сепак, претседателот на Комисијата за лустрација,Томе Аџиев, тврдеше дека нејзината работа е чиста и фер, а Извештајот на Брисел се базирал „на редуцирани податоци“. Тој тврдеше дека и покрај кампањата на непријателите на лустрацијата, сепак, процесот не бил користен за политичка одмазда против владините противници и оти тој завршил како „историска придобивка за сите граѓани на земјава“. Од објавените „бомби“ јавноста доби доказ дека пратеници од владејачката партија нарачувале лустрација на судија.

Таков беше случајот со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој во телефонски разговор со првиот лустратор во државата нарачува лустрација на кичевскиот судија Драги Билески, кој „им прави многу проблеми“. По неговото лустрирање, споменатиот судија експресно беше суспендиран, а потоа и разрешен од местото судија од страна на Судскиот совет.

Билески во 2010 година го помина лустрацискиот тест како судија, а само две години подоцна од страна на истата Комисија за лустрација беше прогласен за кодош, и покрај тоа што во ниту еден документ на УБК не е евидентиран како соработник на службите, а полицискиот инспектор, кој наводно ја составил белешката за него, со нотарски акт потврди дека целиот случај бил исконструиран. На правда мораше да чека цели 9 години, кога судот во Стразбур донесе пресуда во негова корист и потврди дека целата постапка била водена незаконски.

Д-р Трендафил ИВАНОВСКИ, претседател на Уставниот суд  2007-2010

СО МОЈАТА ЛУСТРАЦИЈА ПОЧНА УДАРОТ ВРЗ УСТАВНИОТ СУД

Уште во самиот почеток на мојата лустрација, јавно укажував дека станува збор за реваншистички атак на режимот поради мојата улога во борбата за заштита на уставноста и законитоста. Во годините кога претседавав со Уставниот суд, годишно во просек беа оценувани, поништувани или укинувани одредби од педесетина закони. Власта ниту можеше ниту сакаше да го разбере ваквото значење на уставноста.

Судирите меѓу Владата и Уставниот суд беа редовна тема на јавноста: за нив имаше неброени укажувања и реакции од претставниците на меѓународната заедница. Со мојата лустрација, всушност, почна ударот врз Уставниот суд, а со тоа и уривањето на уставно-правниот поредок. Со моето отстранување, но и натамошното менување на персоналниот состав на Судот, заштитата на уставноста се смени. Од 2010 до 2012 година, токму преку Уставниот суд власта успеа да ја урне уставноста на државата.

Всушност, Уставниот суд не се замолче-за тоа немаше потребаниту клима, туку со својот персонален состав се најде во чист клиенталистички однос со тогашната владејачка ВМРО ДПМНЕ. Овој орган целосно го загуби својот кредибилитет и речиси со ништо не учествуваше ниту во заштитата на уставноста и законитоста, ниту пак, во заштитата на слободата и правата на граѓаните.

Ќе ми беше многу полесно ако ја докажев вистината во мојата држава. Сепак, вистината победи макар и надвор од границите на државата, за која доживеав да бидам двапати репресиран. Во изминативе години се потврди дека лустрациските активности беа големо промашување.Тие се спроведуваа со идеолошки,политички и партиски мотиви, со што уште на почетокот создадоа сомнеж за вистинските цели. А таквите цели воопшто и не треба да се користат како основа на лустрација, бидејќи стигматизацијата и дискриминацијата на политичките противници не се прифатливи средства за политичка борба во една држава во која владее правото.

Желбата за пресметка и омраза не смее да ја надвладее заштитата на демократијата.

Продолжува: СЈОНОВА НАДЕЖ ЗА ПОГОЛЕМА ПРАВДА(5)

(кстот е  дел од публикација „Македонија од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на ФООМ).

Поврзани новости