ФЕЉТОН Контроверзна лустрација: Поп швалер стана кодош, сликан како пропаднал во кенеф

by fokus

Буквално секој, на еден или друг начин, можеше да стане објект на врбување, да се принуди да соработува и беше ѓаволски тешко да се отргне од канџите на Службата, бидејќи немаше заштитни механизми некој да не биде врбуван.

Д-р Гроздан Цветковски

Паридигматична и трагична е судбината на политичкиот емигрант и можеби единствениот вистински македонски дисидент ДБ кој од комунистички маченик мораше под физичка и психолошка тортура да се трансформира во класичен кодош. Уште попарадоксално  е што тој во 1977 година беше киднапиран од Франција од страна на нашата Служба, по што во објектот за посебни намени во Јасен скоро две години се водеше полициска истрага и препарирање,за да потоа биде  осуден на казна затвор во траење од 13 години.

СОРАБОТНИКОТ СО КОДНО ИМЕ „РОШОМОН“

Претседателството на СФРЈ во 1987 година одлучи да го помилува и ослободи од натамошно издржување на казната. По излегувањето од затвор, беше сместен во стан од Службата заради целосно оперативно покривање со користење на поставени технички средства за контрола на телефонот, а се вршеше и контрола на неговите  преписки и други поштенски пратки.

Но, и тоа беше малку, па го принудија да ги ревидира ставовите и идеите и да постане кодош на Службата под псевдоним ‘’Рошомон’’. Инвентивно и страотно, но таква беше суровата тактика на УДБА, таа беше наша судба, таа сѐ мораше да знае и контролира и сѐ можеше да изнуди и од најцврстиот карактер.

Службата располагаше со веродостојни сознанија дека Божјото чедо А. висок свештеник на една Епархија во централниот дел на државата, одржувал чести контакти со лица кои биле на иста бранова должина во однос на швалерската духовност, бидејќи и тој, иако со голем авторитет и неспорни морални квалитети, имал овозмеска слабост кон жените. Сепак, главната дејност на овие лица била шверц со цигари и алкохолни пијалоци од Грција, за што Божјото чедо воопшто не знаел и по никаков начин не бил инволвиран.

Повеќекратните обиди за негово вградување како агент-провокатор и соработник беа неуспешни, бидејќи тој не подлегна ниту на пари, ниту на патриотска основа, а уште помалку на закани. Едноставно велеше: ‘’Кој што си прави, тој е негов избор, Господ е голем и гледа’’.

Освен тоа, чуствуваше голема аверзија кон Службата затоа што  уште како дете бил очевидец како една партизанка, подоцна прогласена за народен херој и виден општествено – политички работник во изградбата на социјализмот, веднаш по ослободувањето пред многу насобрани луѓе го јавала како коњ неговиот татко кој бил селски поп, јавно понижувајќи  го како антинароден елемент.

Меѓутоа, во процесот на тајното следење, се утврди дека свештеникот често пати под превезот на ноќта доаѓа кај една млада жена чиј сопруг  работеше како теренец во една градежна фирма во Црна Гора и дома доаѓаше на неколку дена еднаш во два месеци.

Располагајќи со потврденото сознание, двајца оперативци ја посетија младата жена и отворено ја уценуваа, по што таа уплашена да не избувне скандал, се согласи да ја одигра наметната валкана улога која беше едноставна: следниот пат кога Божјото чедо ќе дојде кај неа, оперативците ненадејно да затропаат на нејзина врата.

Тогаш таа во паника ќе му рече дека неочекувано доаѓа сопругот, поради што морал да скокне од прозорецот и да се сокрие во полскиот нужник на крајот од дворот.

Уплашениот швалер кога влегол во кенефот каде претходно оперативците ги тргнале даските, пропаднал до гуша во фекалии. Тие со батерија му го осветлиле лицето и во таква ситуација немало шанса да се одбие потпишување на изјава за доброволна соработка со Службата.

УЦЕНА СО ДЕТЕ И ХОМОСЕКСУАЛНОСТ

Висококвалификуваниот бравар Б. во Металскиот завод ,,ТИТО’’ во Скопје, требаше да се ангажира како извор за доставување на информации во врска со сомнителната идеолошка определба и свртувањето од единствениот исправен пат на неговиот работоводител, инаку и секретар на ОО на СКМ во претпријатието.

Овој вреден и чесен работник имаше болно дете кое требаше да се оперира во странство. Иако со антипатија кон Службата, еден ден Б. сфати дека нема избор и единствено Службата може да му помогне, поради што одлучува да стане соработник.

Службата располагаше со документи и фотографии од кои се гледа дека новинар во внатрешно-политичката редакција во ,,Нова Македонија’’ е хомосексуалец, но истовремено и единствен кој има пристап до касата на неговиот колега за кого постоеја основи на сомневање дека работел за странска разузнавачка служба. Епилогот може да се предвиди: за да не биде компромитиран, новинарот ја прифати улогата на соработник на Службата.

Наставникот Н. во едно средно училиште во западниот дел од Македонија беше врбуван „под туѓо знаме’’, на тој начин што оперативецот му се претстави со легенда дека е агент на Албанската разузнавачка служба и дека работи против уставниот поредок на тогашната единствена држава. Наивно мислејќи дека работи против домашната сојузна и републичка Служба, всушност Н. не знаеше и не можеше да претпостави дека работи за нив.

ПИКАНТЕРИИТЕ ОД  КАФЕАНАТА “БУКЕТ

Оперативецот-боем речиси секојдневно навраќаше во култната кафеана  „Букет”, од  каде, без нивно знаење и согласнот, „регрутира” како соработници двајца писатели од чии информации во најголем дел од полициската кариера си ја заработуваше платата.Тие интелектуалци, без никаква задршка и сомнеж, отворено, чесно и „без влакна на јазикот” даваа критични оцени и рецензија, мислења, пофалби, а често и озборуваа за одредени пикантерии на своја и на сметка на нивни колеги. Истовремено, коментираа некои негативни појави и општествени деформации, незнаејќи до крајот на живот дека Службата ги третирала како соработници.

Значи, буквално секој, на еден или друг начин, можеше да постане објект на врбување, да се принуди да соработува и беше ѓаволски тешко да се отргне од канџите на Службата, бидејќи немаше заштитни механизми некој да не биде врбуван.

Се разбира, постоеја и исклучоци некој да не се согласи и покрај сите притисоци, но тие едноставно имаа голем ксмет што не наишле на вистински упорен мајстор за врбување или, пак, Службата во последен момент проценила дека потенцијалниот извор не е надежен и перспективен за соработка.

Овој факт непобитно укажува дека се направи огромна грешка со отворањето на досиеата за соработници, бидејќи никој не можеше стопроцентно да гарантира дека не е извршена селекција или уништување на суштински факти, дека не се фалсификувани одредени документи и најмногу поради тоа што голем број оперативни информации, службени белешки и извештаи се тргнати  од архивите или уништени.

Продолжува: ПАНДОРИНАТА КУТИЈА НА ГЛУПОСТИ, ЧАРШИСКИ ЛАГИ И ОЗБОРУВАЊА  (8)

Поврзани новости