Македонската владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, министерот за дијаспора Едмонд Адеми и министерот за надворешни работи Никола Димитров во Њујорк се сретна со претставници на Форумот за демократска Македонија, ФДМ, глобална граѓанска заедница на иселеници од Република Македонија преку кој се слуша гласот на демократски ориентираната дијаспора.
Средбата се одржа во рамките на учеството на македонската делегација на 72-то Генерално собрание на Обединетите Нации. На средбата со македонската владина делегација претставниците на ФДМ нагласија дека се формирани на граѓански концепт, не на етнички како другите организации во дијаспората. Македонскиот премиер Зоран Заев го поздрави формирањето на Форумот за демократска Македонија и додаде дека тоа е голем чекор напред, а граѓанскиот концепт на ФДМ може да се преслика и во Македонија.
“Ние не се препознаваме во националистичката балканска реторика за Македонија, со која честопати се поистоветувани иселениците, ” порача Македонка Трајковска од името на ФДМ.
Форумот за демократска Македонија верува дека Македонија има шанса за нов почеток, ги поздрави успешните исчекори во надворешната политика и зачетоците на нови партнерства со соседните земји и со целата меѓународна заедница и дека ова е вистинскиот пат кон интеграција во Европската Унија и НАТО.
“Сакаме да ја видиме Македонија како демократска, прогресивна и просперитетна држава. Со здрава и стабилна демократија, владеење на правото, деполитизирана јавна администрација, слободни медиуми и граѓани кои живеат во благосостојба”, порачаа претставниците на Форумот за демократска Македонија.
На средбата ФДМ се осврна на проблемите со кои се соочуваат иселениците и побараа подобрување на пристапноста на македонските конзуларни претставништва и можност за добивање на документи пo електронски пат; учење на македонски јазик за генерациите родени во странство преку онлајн платформа и изрази подготвеност да помогне во создавањето на владинита стратегија за дијаспората и нејзиното мапирање.
ФДМ ја изрази и загриженоста за родовата застапеност во политичкиот живот во Македонија и побара поддршка од Владата за апелот на членката на ФДМ, Маја Павловска за олеснување на животот на лицата со посебни потреби. По средбата ФДМ организираше прием во чест на гостите од Македонија. Во рамките на приемот со свои музички перформанси настапија Дуке Бојаџиев, Марија Вршкова, како и виолинистот Владимир Костов. Денес членовите на ФДМ ќе имаат работна средба со министерот за дијаспора Едмонд Адеми.