Фату, најстарата горила во светот што живее во заробеништво, го прослави својот 69-ти роденден во зоолошката градина во Берлин.
За таа пригода, таа доби посебна гозба составена од црешни домати, цвекло, праз и салата, но роденденската торта беше изоставена бидејќи шеќерот не е здрав за поодмината возраст.
Како западна низинска горила, Фату далеку го надживеала типичниот животен век на нејзиниот вид во дивината, кој е од 35 до 40 години, пишува Euronews.
Таа пристигнала во тогашниот Западен Берлин во 1959 година, за време на Студената војна, и се проценува дека тогаш имала околу две години. Горилата во дивината живеат помеѓу 35 и 40 години, но во зоолошките градини, благодарение на грижата и лековите, можат да живеат многу подолго.
Фату стана најстариот жител на зоолошката градина во 2024 година, по смртта на фламингото Инго, за кој се веруваше дека имал најмалку 75 години и живеел во зоолошката градина од 1955 година.
Се верува дека Фату е родена во дивината во Западна Африка.
Според приказната запишана во Гинисовата книга на рекорди, таа била фатена од француски морнар, кој потоа ја користел за да намири сметка во бар во Марсеј. После тоа, таа наводно била продадена од француски трговец со животни на берлинската зоолошка градина.
Денес, Фату живее во свој кафез и претпочита да се држи подалеку од групата други горили. Таа ги изгубила забите поради старост и страда од артритис и губење на слухот.
Кристијан Ауст, надзорник на примати во берлинската зоолошка градина, вели дека е пријателски настроена кон чуварите, но може да биде и тврдоглава.