Фатиме за мотивот во „Монструм“: Обид за повторен конфликт и дестабилизација на државата

by fokus

Мотивот за петкратното убиство, што се случи на 12 април 2012 година, кај Смиљковското Езеро се крие најверојатно во обид за повторен конфликт и дестабилизација на државата. Ова го истакна обвинителката Фатиме Фетаи при давањето на завршниот збор за овој случај, појаснувајќи дека за делото тероризам не се потребни конкретни докази за мотивот, но истакна дека тоа ја интересира целата јавност, а најмногу семејствата на жртвите.

-За јавноста, но и за семејствата на жртвите, е најважно да се дознае зошто е сторен ваков чин. Зошто? Од доказите и околностите произлегува дека изборот на жртвите е тие да бидат Македонци, неколку дена пред Велигден… Но конкретни докази за мотивот, кај делото тероризам, не постојат. Ова се само наши ставови. Можеби можело на почетокот на истрагата истражните органи да поработат со Хаки Азири, околу ова прашање, зошто, но најверојатно биле под притисок да дојдат до некаков резултат и ја занемариле најважната информација за јавноста, истакна обвинителката Фетаи.

Па додаде дека тогаш истражните органи се задоволиле за тезите со крвав Велигден, но не дале одговор зошто.

-Сепак се работи за настан кој можел да предизвика повторен конфликт и невини жртви, како и дестабилизација на државата, истакна Фетаи, која додаде дека се обратиле и до Агенцијата за разузнавање, но од таму не добиле важни информации.

В.В.

Поврзани новости