Потребен е ремонт, генерален реизбор на сите судии и јавни обвинители во втор и трет степен, односно реизбор на апелационите и врховни судии и вишите обвинителите од Државното обвинителство, смета обвинителката од Вишото јавно обвинителство, Фатиме Фетаи која порано беше дел од веќе згаснатото Специјално јавно обвинителство.
Ова Фетаи го кажа на дебатата „Изборот и напредувањето во правосудните институции – Преку поголема транспарентност и квалитет, до зголемување на довербата на граѓаните во правосудството“.
-Сметам дека е потребен ремонт, генерален реизбор на сите судии и јавни обвинители во втор и во трет степен. Како би одел тој реизбор, има неколку точки. Прво постепено, по една третина, тоа да не биде само формално. Што да бараме со тој реизбор – стручност, меѓутоа и докажан интегритет и покажани резултати во работењето, рече Фетаи.
Според неа, сите досегашни опции со кои се крпел системот се веќе искористени.
-Се уште има отсуство или минимална доверба во правосудството од граѓаните. Она што ни недостасува не се поконкретни правила, не се нови закони, туку ни требаат правници кои имаат способност да ја применуваат правната рамка, духот на правото и на општествените вредности кои правото ги штити, рече Фетаи.
Дополнително, смета таа, да биде земено предвид особено за оние кои целат кон раководни позиции, дали и колку, во време на извршување на функцијата судија или јавен обвинител, нивниот глас е слушнат во општеството, за прашања широки правни од широк општ интерес, истакна таа. Потребно е и проверка на имотот, на финансиите, поврзаноста со одредени криминални структури…
Поголема транспарентност во работата на Судскиот совет, јасни и прецизни законски одредби со кои ќе се регулира постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет, законски одредби за одговорност на членовите на Судскиот совет што ги избира Собранието и нивна можност за разрешување од органот кој ги избрал, транспарентност на правосудството што ќе подразбира да може да биде извршена граѓанската контрола, беа само дел од препораките и заклучоците на дебатата.
На неа учествуваше и заменик министерката Викторија Аврамовска Мадиќ, но таа не ги слушна ставовите на фелата бидејќи замина од дебатата по нејзиното обраќање.