Компанијата „Салус Плус“ или поранешна „Новоматрикс“, чиј сопственик Александар Наумов е осомничен за злосторничко здружување и даночно затајување, има долг кон државата од скоро 103 милиони денари или 1,6 милиони евра, покажуваат новите податоци што ги обезбеди „Фокус“.
Како што објавивме вчера, по барање на Обвинителството за организиран криминал, скопскиот Кривичен суд изрекол времена мерка за забрана за отуѓување, располагање и оптоварување на возилата на компанијата „Салус Плус“/„Новоматрикс“, поради основано сомневање дека е сторено кривично дело злосторничко здружување и даночно затајување.
Односно, му се забранува на осомничениот Наумов од Битола, сопственик и управител на друштвото, да го отуѓува, располага и оптоварува на било кој начин движниот имот на компанијата, кој е таксативно наведен. Станува збор за 17 возила во вкупна вредност од скоро 32 милиони денари или над половина милион евра (518 илјади евра).
„Привремената мерка може да трае најдолго до завршување на кривичната постапка пред првостепениот суд или може да биде укината по службена должност. Сите дејствија врз имотот што е предмет на обезбедување, а се преземени по поднесување на барањето за привремени мерки, се ништовни“, стои во решението заведено во Централниот регистар, со кое му се наложува и на МВР во регистарот на моторнивозила да изврши прибелешка.
СУДСКИ ПОСТАПКА ЗА ДОЛГ
Покрај тоа, според новите информации до кои дојдовме, компанијата има доспеан долг кон Управата за јавни приходи во вкупен износ од 102.787.230 денари, од кои 102.227.362 денари се долг по основ на ДДВ, додека останатите 436.670 денари по основ на данок на добивка. Притоа, долгот се акумилирал во текот на ланската 2023 година, кога од 1.642.130 на почетокот на годинава достигнал 102.787.230 на крајот на годината.
Во истиот период, Наумов водел судска постапка, што завршува со одлука на Вишиот управен суд, кој на 17.11.2023 година носи решение за одбивање на неговата жалба кон одлуката на понискиот Управен суд, кој, пак, на 29.09.2023 година носи решение со кое се одбива барањето на првиот човек на „Салус Плус“/„Новоматрикс“за донесување на времена мерка, со цел одлагање на решението на одделението за наплата на долгови при УЈП се до правосилност.
Меѓу другото, во пресудата стои дека Наумов навел оти извршувањето на решението на УЈП би предизвикало негативни последици од големи размери по неговиот имот, особено што побарувањето е насочено кон физичко лице, а не е наведено дали решението е дадено на присилна наплата и во кој износ останува неплатен долг, со цел да не дојде до двојна наплата на долгот.
Меѓутоа, Вишиот управен суд одлучил дека решението на Управниот суд е правилно и законито, бидејќи, според образложението, тужителот може да бара судот да донесе времена мерка за одлагање на извршувањето на управниот акт кога извршувањето би му нанело штета која „тешко би можела да се поправи“, а во конкретниот случај тужениот орган со оспореното решение на тужителот му се утврдува својство на даночен гарант за наплата на долг од „Салус Плус“ по основ на ДДВ од 99.069.363 денари.
ЗГАСНА „СВ-ИНВЕСТ“, СЕ РОДИ „НОВОМАТРИКС“
Ниту од Јавното обвинителството, ниту од приватната компанија, не добивме одговор на прашањето зошто Наумов е осомничен за наведените кривични дела од Кривичниот законик, дали е „замрзнат“ имот на други правни субјекти, во која фаза моментално е овој предмет и какви дејства се преземаат? Со оглед дека се работи за злосторничко здружување, произлегува дека опфатени се повеќе осомничени.
Инаку, Наумов порано бил управител и на веќе подзаборавената „СВ-Инвест“ на бизнисменот Стојан Чифлигароски, кој, пак, јавно се декларираше како пријател на Вице Заев, брат на експремиерот Зоран Заев. За потсетување, „СВ-Инвест“ за само 3 години после политичките промени доби тендери за работа во РЕК Битола вредни 6 милиони евра. Меѓутоа, во 2021 година падна во стечај, кој лани беше заклучен, па оваа фирма престана да постои.
Неодамна, неделникот „Фокус“ пишуваше дека откако „СВ-Инвест“ почна да пропаѓа, Чифлигароски преку Наумов ја активираше „Новоматрикс“ или денешна „Салус Плус“, која склучи 2 договори за технолошко чистење во РЕК Битола вредни над 3 милиони евра. Патем, првиот договор пораснал поради 2 анекси, а вториот го доби во постапка со директни преговори, откако пропаднале неколку обиди да се спроведе отворена тендерска постапка.
Имено, оваа компанија сменила неколку сопственици, а во еден период во 2016-2017 година била во сопственост на друштвото „Архи“ или денешна „Панорама резиденс“. И оваа компанија сменила многу содружници, а денес е во целосна сопственост на „Орка“ на семејството на бизнисменот Орце Камчев. Во меѓувреме, Наумов ја презема „Новоматрикс“/„Салус Плус“, која по пропаста на „СВ-Инвест“ ги доби истите тендери како компанијата на Чифлигароски.
КРИВИЧНА ПРИЈАВА
Своевремено, „Фокус“ пишуваше дека „СВ-Инвест“ се споменува и во кривичната пријава на битолската компанија „Рубитон“ до Министерството за внатрешни работи во 2020 година. Како што се наведува во пријавата, поранешниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, вршел притисок да му отстапат на „СВ-Инвест“ дел од договорот што го склучиле за ископ во РЕК Битола или во спротивно да платат 250.000 евра во готово.
Неколку години по написот, овој случај го актуелизираше опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, кој на брифинг со новинари обвини дека во позадина стоел братот на тогашниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев-Вице Заев, кој, според Мицкоски, изнудил 250 илјади евра од компанија од Битола што добила тендер за ископ на јаглен од РЕК Битола. Вице Заев, пак, во изјава за „Фокус“ ги отфрли обвинувањата.
Денес, на оваа тема говореше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој побара институциите да ја испитаат работата на „Новоматрикс“ или „Салус Плус“ и, како што рече, да проверат дали воопшто имала било каква механизација и дали имала квалификувани и стручни вработени за да работи во РЕК Битола.
–„Новоматрикс“ се споменуваше и во конекција со друга компанија, „СВ Инвест“, која е добро позната на јавноста и се работи за истиот период за време на директорување на Васко Ковачевски, кадешто очигледно се правеле криминални тендери затоа што тука веќе има и замрзнување на имот – истакна Николоски, додавајќи дека треба да се одговори на прашањето дали оваа компанија била параван за перење пари?
Влатко СТОЈАНОВСКИ