Во вчерашниот, втор круг од локалните избори, таа победи со разлика од 609 гласа, пред противкандидатот од ВМРО ДПМНЕ, Дарко Митевски. Бошко вчера славеше заедно со граѓаните и со сестрата Соња, со која што живее во семејна куќа, и целиот живот си биле меѓусебна поддршка.
,,Горд сум на сестра ми, таа е мојот шампион! Имаме уште една сестра во Скопје и брат во Делчево, потекнуваме од работничко семејство. Соња е ценета во градот, никогаш кон никого не се огрешила. Јас сум спортист, работам како обезбедување, а таа работи како медицинска сестра, бидејќи беше потценета од претходната власт. И покрај тоа што заврши психологија, беше вработена како среднист. Но граѓаните го направија вистинскиот избор, и победи правдата’’ – раскажува Бошко.
,,Од една страна беше Соња, медицинска сестра од работничко семејство, а од другата Митевски, доктор на науки и милионер. Но јас верував во неа, знаев дека народот ги препознава нејзните човечки квалитети и вредности. Живееме во иста куќа, таа на едниот, јас на другиот кат. Нејзината ќерка, а моја внука, има 29 години и сеуште не е вработена. Значи, не сме бизнисмени, туку народни луѓе, борци за правда. Среќен сум што граѓаните на Македонска Каменица и ја дадоа довербата, и знам дека таа ќе го оправда секој глас’’ – вели Стаменковски за својата три години постара сестра.
Тој редовно и носи злато на Македонија и е истакнат спортист, кој во повеќе наврати се жалеше дека нема никаква помош од државата, околу учествата на светските првенства и натпревари. На почетокот на месецов по трет пат ја освои титулата светски шампион во паурлифтинг и бенч прес, до 67,6 килограми, и го собори светскиот рекорд. Од светското првенство кое што се одржа во Трутнов, Чешка, тој се врати како апсолутен победник, по што се сретна со новиот директор на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски.
Претходниот директор на агенцијата, Марјан Спасески, немаше слух за шампионот, па тој се снаоѓаше самиот околу покривање на трошоците за учествата на светските првенства.
Соња е една од шесте жени градоначалници во земјава. Во првиот круг од изборите, функцијата градоначалник на општините Битола и Арачиново ја добија Наташа Петровска и Мелкие Халими од СДСМ. По вчерашниот, втор круг од изборите, во Старо Нагоричане победи Жаклина Јовановска од СДСМ, во Могила – Јасмина Гулевска исто од СДСМ, а во Тетово – Теута Арифи од ДУИ.