Фали го Дојран, бањај се во Грција

by fokus
 Летово во Дојран, капење и сончање само покрај базен
Пишува: Вики Клинчарова

Ако сте планирале летниот одмор годинава да го поминете покрај Дојранското Езеро, подгответе се за капење и сончање само покрај базен, бидејќи поради надојдените води во езерото, плажи речиси и нема. Местата предвидени за сончање, каде што во изминативе неколку години беа поставувани лежалки и сламени чадори, сега се под вода, па туриститие, и да сакаат, нема каде да се сместат и да уживаат во одморот покрај вода. Како единствена опција им преостануваат приватните базени, кои што ги има неколку, во склоп на ресторани и кафулиња.

dojran2За време на нашата обиколка на Стар Дојран, забележавме дека има раздвиженост и туристи, но тие или шетаа на реновираното шеталиште покрај езерото, или пак се капеа во базенот кој што се наоѓа веднаш до градската плажа, но е со мал капацитет.

,,Дојран е одлично место за одмор, мирно е, а и цените се доста пристапни. Штета е што наместо во водите на езерото кои што се сметаат за доста лековити поради разните алги и треви кои што вегетират овде, треба да се капеме во базен, бидејќи од плажите не останало ништо. Позитивно е тоа што во базенот во центарот на градот не се наплаќа влезница, но сепак луѓето првенствено доаѓаат овде поради езерото, а не да се искапат во базен,, – ни рекоа туристи кои што го минуваа денот покрај еден од двата базени кои што се во склоп на кафуле и каде што буквално немаше место да се фрли игла.

dojarn5Ако е за утеха, годинава во Дојран тие кои што не можат да уживаат во капењето во езерските води, ќе можат за доста пристапни цени да си дозволат разни кулинарски специјалитети во старите ресторани во градот, каде што пијалокот и храната се нудат по доста пристапни цени. Безалкохолните пијалоци се со цени од 50 – 60 денари, цените на салатите, супите и чорбите се движат од 50 па до 100 денари, месото и риба на скара  е со исти цени како во било кој град во внатрешноста, односно на едно четиричлено семејство, за еден обилен ручек во ресторан доволни му се околу 1.000 денари. Сместувањето, исто така е со пристапни цени, во приватни вили се наплаќа од 200 до 300 денари од кревет, цените на апартманите се движат од 900 до 1300 триста денари од вечер, а исто толку изнесува и хотелското сместување од лице за една ноќ.

Друга новина се палмите во центарот на градот, од кои што повеќето се останати со по само неколку листови, а за кои што туристите исто така коментираат.

,,Дојран има богата вегетација, а кога се дрвјата во прашање, познат е по своите столетни јавори, не ни е јасно зошто овде се посадиле палми, некако не се вклопуваат во амбиентот, а и самите тие не изгледаат баш среќно,, – ни кажаа туристи од соседна Србија кои што често доаѓале овде, да одморат ден – два пред да заминат на летување во Грција.

dojran3Инаку, годинава Дојран се закити со титулата ,,Град на културата за 2016 година,, проект кој што го финансира Министерството за култура. Предвидено е да се одржат голем број на културни настани, музички манифестации, драмски фестивали, ликовни колонии, изложби, концерти и поетски читања. Од 15 до 17 јули ќе се одржува и отворениот музички настан ,,Д Фестивал,, каде што ќе настапат познати музички групи и се очекуваат илјадници посетители.

И покрај тоа што Дорјанското Езеро е едно од нашите природни богатства, сепак досега ретко кој од државниот врв летувал овде. Како најчеста дестинација ја избираат Грција, Албанија, Турција…

Поврзани новости