„Фактор плус адриа“ за предизборното расположение на граѓаните објави анкета за рејтингот на партиите.
Според резултатите од испитувањето, на следните избори, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 27,5 отсто од испитаниците, а за СДСМ, 25,2 отсто. За ДУИ се изјасниле 10,5, а за ДПА – 4,8 отсто. Според анкетата, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ од декември наваму, за 4 месеци, бележи пад од 2 проценти, а на СДСМ, бележи раст од 3,8 проценти.
Според податоците на агенцијата, 58 отсто од испитаниците изразиле подготвеност да учествуваат на изборите, додека 32 отсто одговориле негативно. Високи 80 отсто се изјасниле дека знаат за кого би гласале на изборите додека 20 отсто се уште не се определиле.
На прашањето „Дали сметате дека сите партии се рамноправно застапени во медиумите?“, 57 отсто од анкетираните одговориле негативно, а 35 позитивно. На прашањето кое го одредува ставот на гласчите кон лидерите изразено во позитивни наспроти негативни гласови, лидерот на СДСМ Зоран Заев има 1 отсто, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски минус 6,7 отсто, лидерот на ДУИ, Али Ахмети има -36 отсто и лидерот на ДПА, Мендух Тачи има -38,7 отсто.
Препораките на ЕУ и САД да се одложат изборите, 46 отсто од испитаниците ги доживуваат како поддршка на демократските односи, а 29 отсто, како остварување на лични интереси во Македонија. Членството на Македонија во ЕУ го поддржуваат 77 отсто, 16 не го поддржуваат, а 7 отсто немаат мислење.
Анкетата е спроведена телефонски во периодот од 15 до 20 март 2016 година, на примерок од 1.150 испитаници.