Текстот е објавен на 20 март 2009 во неделникот „Фокус“ во бројот 716
Пишувал
Бобан НОНКОВИЌ
Случајот со некогаш моќната компанија за резервни делови на товарни возила и градежни машини – „Машинопромет“, можеби за судските анали, со стотина тужби и против-тужби, засолен со неверојатни четири хипотеки за еден ист објект, во минатото беше посебно актуелен. Штрајкови, бунтови, криминали, рекетари, па дури и пресметки со бомби и пиштоли ги одбележаа минатите седум-осум години во „Машинопромет“, посебно за време на скандалозното владеење на семејството Пајмакоски со оваа фирма. За сите случувања во и околу компанијата, каде на деловната зграда во скопската населба Козле, на ул. „Прашка“ бр. 23 посебно „фрлиле око“ голем број т.н. „бизнисмени“, но и луѓе од подземјето – се водат судски спорови. Сепак, според документите до кои дојде „Фокус“, за првпат се открива и замешателството на нашиот Чедо Радомировиќ или по ново Чедо Радо (откако пред неколку години се откажува од македонското и зема холандско државјанство, скратувајќи си го презимето). Дејствијата се преку сега пропаднатата „Радо банка“, која во 2004 му ја продава на Јовица Стефановиќ-Нини, како и во тесна врска со фирмата „Техноком“, се разбира, исто така во газдинство на „Холанѓанецот од наше маало“.
Имено, хронолошки, приказната за криминалите со „Машинопромет“ и перењето пари, е повеќе интригантна, за што, за жал, реакција од надлежните органи изостанува. Се разбира, никој не сака да го чепка големиот странски инвеститор што ја гради Македонија!
ЧЕТИРИ ХИПОТЕКИ НА ЕДЕН ИМОТ!
Но, како сѐ почнува?
Поранешниот директор на „Машинопромет“, Љубен Јарчевски, на 5.12.2000 г. ја заложува деловната зграда на седиштето на друштвото, што се наоѓа на ул. „Прашка“ бр. 23 Скопје (се простира на 5.000 квадратни метри), преку нотарот Зорица Пулејкова, на „Комерцијална банка АД Скопје“ за сума од 3.000.000 тогашни германски марки (1,5 милиони евра). Во тоа време, владината Агенција за приватизација поседува 30 проценти од сопственоста врз претпријатието, а за секоја заложба, продавање или отуѓување имот, потребна е согласност и од неа, што во случајот не е побарано.
Сепак, и покрај тоа што постои прибелешка на имотниот лист на компанијата дека е заложен имотот во „Комерцијална банка“ за кредит, две години подоцна, односно на 27.09.2002 г., кај нотарот Светлана Петровска, запишана е хипотека од втор ред над истата деловна зграда за износ од 500.000 евра. „Радо банка“, тогаш сѐ уште во сопственост на Чедо Радо(мировиќ), склучила договор со „Машинопромет“ за користење банкарски услуги, при што банката му дава на претпријатието 500.000 евра, а „Машинопромет“ како гаранција дека ќе ги врати парите, ја става деловната зграда под хипотека од втор ред.
На овој хипотекарен договор од страна на „Машинопромет“ потпишан е тогашниот претседател на УО, Павле Пајмакоски, додека од другата страна, „Радо банка“ е претставувана од директорот Ванчо Михајловски, со полномошникот Гордана Гацева. За претпријатието воопшто да се задолжи, според статутот на „Машинопромет“ мора да има согласност на Собрание или на УО, што во овој случај, но и во претходниот, кога се зел првичниот кредит кај „Комерцијална банка“, не постоело, туку имало само лична одлука на раководителите.
Според статутот на „Машинопромет“, основната главнина на друштвото изнесувала 3.400.000 германски марки, за на чуден начин, во два наврати, да му биде исплатен кредит во вкупна висина од 4.000.000 марки (два милиони евра) само врз основа на деловната зграда. Значи, без реално покритие, подигнати се кредити од „Комерцијална“ и „Радо банка“.
Но, тука не застануваат хипотеките во врска со ова друштво! На 7.2.2003 г., запишана е НАТХИПОТЕКА на деловната зграда на „Машинопромет“, кај нотарот Емилија Харалампиева, од страна на „Радо банка“, како хипотекарен должник и Народна банка на РМ, од друга страна, како натхипотекарен доверител, за сума од речиси 350 милиони денари (околу пет милиони евра), во време кога гувернер на НБРМ е Љубе Трпески. Во меѓувреме, за првпат во целата приказна се појавува името на Чедо Радомировиќ.
На 15.07.2003 г., управителот на „Машинопромет“, Павле Пајмакоски, ги заложува апартманите на претпријатието во туристичкиот комплекс „Охридати“ крај Охридското езеро, без одлука на УО. Овие апартмани се заложени во „Охридска банка“, врз основа на нотарски акт заверен кај нотарот Васил Кузмановски, на име на „Техноком“, без „Машинопромет“ притоа да има никакви деловни односи со таа фирма, каде како управител без ограничени овластувања се јавува Чедо Радомировиќ.
„Охридска банка“, врз основа на договор за хипотека, прв за охридските апартмани, но четврти во случајот со „Машинопромет“, му исплаќа краткорочен кредит на „Техноком“ на Радомировиќ во износ од 20 милиони денари (на двапати по десет милиони денари) или 326.535 евра. Значи, најпросто кажано, Пајмакоски заложува имот на својата фирма, за Радомировиќ да си земе кредит за себе!?
Потоа, незаконските дејанија во врска со „Машинопромет“ повторно се враќаат во Скопје, односно на деловната зграда на друштвото на ул. „Прашка“ бр. 23. На 5.2.2004 г., најпознатиот нотар Никола Стоименовиќ (осуден на 13 г. робија за „случајот Бачило“), составил договор за хипотека меѓу „АД Радо банка“ како заложен доверител, „АД Машинопромет“ како заложен должник и „Техноком ДОО Скопје“ за износ од 135 милиони денари. Колку за информација, од страна на „Радо банка“ е потпишан Орце Трпески, претставник на банката, инаку син на екс-гувернерот Љубе Трпески.
Значи, недвижност што веќе била заложена под хипотека кај Комерцијална банка за 3.000.000 ДЕМ, под хипотека од втор ред кај Радо банка за 500.000 евра и како натхипотека во полза на Народната банка на РМ за 350 милиони денари, сега по четврти пат оди под хипотека!
Но, според документацијата што ја поседуваме, тоа е направено од причина што хипотеката од втор ред кај Радо банка и натхипотеката во НБРМ, претходно не се впишани во имотниот лист за деловната зграда на „Машинопромет“(!).
ПАЈМАКОВЦИ НАБРКАНИ, НО „МАШИНОПРОМЕТ“ НЕ ИЗЛЕГУВА ОД КРИЗА
По впишувањето на последната воспоставена хипотека кај нотарот Стоименовиќ, Комерцијална банка и НБРМ преземаат активности за бришење на нивните хипотеки, наплатувајќи си ги долговите по други основи. Па, така, сега, опстојува само последното заложување на имотот кај Радо банка за објектот во Скопје, како и она за охридските апартмани.
Увидувајќи дека нивното претпријатие од некогаш најреномирана фирма и во рамките на СФРЈ, реално пропаѓа и неговиот имот се раздава од страна на раководителот Павле Пајмакоски и неговото потесно семејство (мајка му Марија Попова-Пајмакоска – член на УО, неговиот брат Горан Пајмакоски – претседател на Надзорниот одбор и неговите татко и сопруга, Томе и Слаѓана – вработени), акцинонерите во „Машинопромет“ покренале многубројни судски постапки, што резултирале со повеќе кривични пријави. За нив, постапките се во тек.
На 13 декември 2006 г., акционерите свикуваат Собрание на „Машинопромет“, каде ги менуваат членовите на семејството Пајмакоски од раководството на фирмата и им го одземаат членството во Надзорниот и Управниот одбор. Но, и покрај тоа, новото раководство и вработените не можат да влезат во владение во ‘Машинопромет’, бидејќи биле спречувани речиси една година од страна на семејството Пајмакоски и нивните обезбедувачи.
На 16 јануари 2008 г., со присилна судска одлука, акционерите и вработените во „Машинопромет“ успеваат да влезат во фирмата, при што од страна на извршниот суд е констатирано дека недостасува севкупната материјално-финансиска документација и дека 17 патнички возила се едноставно исчезнати (!?).
Па, така, сега, дел од акционерите водат борба против акционерот „Прима“, фирма што купила акции во 2003 г. од Љубен Јарчевски (раководителот што потпишал за ставање на првата хипотека) на македонската берза со кои има 20 проценти од вкупниот број запишани акции, а притоа ги заложиле во полза на Радо банка (сега во стечај).
Додека акционерите се борат за превласт, воведени се две времени мерки – забрана за располагање на недвижниот имот на ул. „Прашка“ бр. 23, но и за апартманите во Охрид. Речиси десетина, што граѓански, а што кривични предмети се водат по судовите во Скопје и Охрид во врска со „Машинопромет“, но постојано се развлекуваат постапките. Во секој случај, иако на голем број од рочиштата е повикан, нашиот Чедо Радо од Холандија не се појавува во судот во својство на еден од клучните сведоци.
Компанијата сега функционира, но со блокирана сметка поради огромни долгови кон Управата за јавни приходи и кон Поштенска банка и други правни лица, за вкупен износ од околу 700.000 евра. А, апетитите на голем број бизнис-ликови кон ова претпријатие, односно кон неговиот имот не згаснуваат…
Судир на интереси во „случајот Машинопромет“
КОГО БРАНАТ, А КОГО НАПАЃААТ АНТИКОРУПЦИОНЕРИТЕ?
Како претседател на Државната комисија за спречување на корупција, во 2004 г., Јован Трпеновски, по пријава од акционерите, констатирал дека: „По оценка на комисијата, во случајот со ‘Машинопромет’, стои основано сомнение за стореност на повеќе кривични дела, од кои како последица е стекнување на против-правна материјална корист. Убрзувањето на истражната постапка, како и проширување на истата, со новите инкриминации, а нарочно со новосоздадените задолжувања кај Радо банка – Скопје, со ставање на хипотека на имот сосптвеност на ‘АД Машинопромет’, покрај веќе ставената хипотека над недвижностите во Охрид, на тн. ‘Охридати’, е инкриминација што е лесно согледлива и аргументирана“.
Со вакво писмо, потпишано од Трпеновски, Антикорупциската комисија пред пет години му се обраќа на јавниот обвинител (тогаш Александар Прчевски), но до ден-денешен, нема разврска на овие кривично-правни настани. Освен, ако не се земе предвид дека, сега, а и претходно, адвокатската канцеларија на Јован Трпеновски се појавува(ла) како полномошник на „ДОО Техноком“ на Чедо Радомировиќ во судските спорови (!).