Фајронт за барокот низ Центар, Шилегов ја прекина „забавата“

by fokus

Дел од објектите кои гравитираат околу плоштад Македонија, ќе бидат поштедени од барок. Станува збор за зградите на улиците „Димитрија Чуповски“, „Никола Вапцаров“ и улица Македонија, за кои претходната администрација на Град Скопје, на чело со Коце Трајановски, отпочна постапка за барокна реконструкција.

Некои од овие згради се веќе рефасадирани, но оние кои не се ќе го задржат својот изглед. Ова е одлучено на вчерашната седница на Советот на Град Скопје. По предлог на градоначалникот, Петре Шилегов, мнозинството советниците во градското собрание ја укинаа програмата за реконструкција и доградба на објекти во централното градско подрачје.

„Неопходно е да се спречи натамошното уништување на сето тоа што претставува сведоштво на човековото градителско и друго творештво во минатото и да се зачуваат вистинските културни вредности“, се наведува во образложението на Градот.

Меѓу овие згради е и познатата „Пелагонија“ која е во процес на реконструкција. Идејното решение за оваа фасада ќе биде напуштено и зградата ќе се реновира, но при тоа ќе се запази нејзиниот оригинален изглед.

Оваа одлука може да предизвика финансиски импликации, затоа што Градот се обврзува да преземе активности за финансиско обештетување на авторите на проектите за реконструкција, доколку истите не се откажат од своето право. Сепак од Градот велат дека таа цена би била далеку помала, од трошоците за барокната реконструкција.

„Забавата заврши. Град Скопје повеќе нема да дава пари за барокни фасади од проектот Скопје 2014. Само за 6 фасади биле дадени 556.847.912 денари односно околу 9 милиони евра“, рече Шилегов на вчерашната седница на Советот.

 

 

Поврзани новости