Швајцарецот Немо (25) кој победи на Евровизија 2024 со песната „The code“ ја најви својата прва европска турнеја.
Како што пишува Еуровоикс, електронски медиум посветен на евровизиските случувања, турнејата на Немо ќе започне на пролет наредната година и ќе трае од 16-ти март до 19-ти април. Предвидени се концерти во 17 европски земји, но помеѓу листата на државите во кои ќе настапува, ја нема Македонија.
Во агендата е наведено дека првиот концерт ќе се одржи во Келн, Германија, а потоа следат настапи во Италија, Шпанија, Франција, Ирска, Велика Британија, Белгија, Холандија, Данска, Шведска, Финска, Естонија, Латвија, Полска, Австрија, Чешка…
Последниот концерт ќе се одржи во Берлин, Германија на 19-ти април.
Исто така, потенцирано е дека се разгледуваат опции за одржување на концерти во Грција и Украина.
За евентуален концерт на евровизискиот победник во Македонија, нема никаква најава засега.
Немо е трет претставник на Швајцарија кој победил на Евровизија. Тој досега има снимено повеќе песни, а лани во ноември го привлече вниамнието на јавноста, кога се идентификуваше како родово небинарна личност и инсистира на среден род на личните заменки.
За песната со која победи на Евровизија, изјави дека е за патувањето кое го започнал кога осознал дека не е ниту машко, ниту женско.
Вики Клинчарова