Британски туристи објавија фотографии од урнебесните восочни фигури во музеј во Полска

by Fokus

Музејот за восочни фигури во Краков, Полска, се најде во центарот на вниманието, откако туристи од Британија на социјалните мрежи објавија фотографии од фигурите на познати ликови кои се изложени.

Најдобро потрошените 12 фунти, коментираат туристите, кои останале затекнати од восочните фигури, и ја опишуваат посетата на музејот како да се нашле среде некоја пародија.

Најмногу внимание привлекле фигурите на кралското семејство, но и на музичарот Елвис Присли, на Доналд Трамп, на Мик Џегер…

Инаку, музејот е наречен Полонија и се наоѓа во стариот дел на Краков, а започнал со работа пред неколку години.

Поделен е на три дела, во кои се изложени восочни фигури на ликови од христијанската историја, потоа ликови на познати личности од Полска, и на крај ликови на светски познати актери, спортисти, музичари, политичари, како и анимирани ликови.

На страницата на музејот е истакнато дека работи само со групи, односно минимално десет лица треба да бидат дел од групата која сака да го посети.

Музеите на восочни фигури се чести во големите светски градови и привлекуваат посетители од сите страни на светот. Во Македонија, восочни фигури има во Музејот на македонската борба во Скопје, кој беше отворен во 2011 година.

Изложени се восочни фигури на Гоце Делчев, Никола Карев, Јане Сандански, Мустафа Кемал Ататурк, Димитрија Чуповски, Тодор Александров, Никола Вапцаров, Ристо Шишков и други.

Исто така, во 2014 година во штипско Ново Село беше отворен музеј на восочни фигури, а како што информираше тогашната министерка за култура, Елизабета Канчевска Милеска, биле изложени 11 фигури, помеѓу кои на Гоце Делчев, Мише Развигоров, Тодор Александров, Иван Ванчо Михајлов, Панчо Михајлов, Даме Груев и други.

Вики Клинчарова

Поврзани новости