Во пресрет на Евровизијата, Македонија се уште нема излезено со официјална информација околу тоа кој и со која песна ќе не претставува на изборот. Нема информација ниту кога е крајниот рок кога нашите организатори ќе го соопштат името на претставникот, иако крајниот рок за потврда на песната и изведувачот е за помалку од два месеци.
Покрај Македонија, од четириесет и трите земји учеснички, само уште Русија, Хравтска и Ирска немаат доставено податоци за изведувачот, но за овие земји веќе во медимуите се шпекулираат неколку можни имиња.
Кај нас, традиционално во последните години, МРТ ја изненадува јавноста со изборот на евровизискиот претставник. Поради честите негодувања од народот поради претставниците избрани во минатото, но и поради константните лоши пласмани, пред четири години, односно во 2014 година, МРТ како полноправна членка на Европската радиодифузна унија, со лиценца за организирање и учество во најголемиот музички натпревар во Европа – Избор за песна на Евровизија спроведе анкета, со цел да го слушне мислењето на граѓаните.
Во анкетата беа понудени следните опции -Македонскиот претставник треба да биде победникот на Скопскиот фестивал -Македонскиот претставник треба да се избере по пат на интерна селекција во МРТ – Македонија не треба воопшто да учествува на Евровизија.
Наредната година, по анкетата, наш претставник во Австрија беше Даниел Кајмакоски со песната ,,Лисја есенски’’ со која победи на Скопски фестивал, и за истата освои 20 илјади евра. Но сепак, не успеа да влезе во финале на Евровизија.
Во 2016 година МРТ одлучи наш претставник да биде Калиопи со песната ,,Дона’’ на изборот во Шведска, но таа не успеа да се избори за пласман во финалето. Лани пак МРТ одлучи во Украина да ја испрати Јана Бурческа. И таа не се пласираше во финалето.
Не е познато на кој начин МРТ ќе одлучува кој и со која песна ќе не претставува на 63 – тото издание на Евровизија, која годинава ќе се одржува во Португалија на осми, десетти и дванаесетти мај.
Пред неколку месеци поради неплатени долгови на нашиот национален сервис кон ЕБУ постоеше можност да не учествуваме на Евровизијата. Но, набргу потоа од ЕБУ известија дека се тргнати санкциите кон МРТ, и како тие заеднички работеле за брзо решавање на проблемот.
Вики Клинчарова