Валандовчанецот Мите Занов (30) е дизајнерот кој беше задолжен за креацијата со која што утре вечер во Полска ќе не претстави Мила Москов на Детската Евровизија. Нумерата со која што ќе настапи Мила е насловена ,,Fire” ( Оган), па воден според темата, тој ја изработил креацијата во портокалово – црна боја, и вели дека се надева како ќе остави впечаток и ќе го привлече вниманието на гледачите.
-Формата на креацијата е инспирација од огнот, и истата со сите подготовки беше изработена за помалку од еден месец. Се работи за дводелен костим, односно пантолони и горен дел, топ на кој рачно е сошиен портокаловиот материјал, со цел да се долови пламен од оган, а визуелно изгледа како фустан – појаснува дизајнерот.
Додава дека соработката со Мила дошла преку заедничката пријателка Љупка Јакимовска, која е режисер на настапот на Мила, а да креира за Евровизија бил негов сон уште од времето кога бил дете. -Соработката со Мила за овогодинешната Јуниорска Евровизија дојде преку наша заедничка пријателка, односно преку режисерот на настапот на Мила, Љупка Јакимовска, со која имам претходно соработувано во Македонска Опера и Балет. Се разбира, без размислување ја прифатив понудата, од причина што Евровизија отсекогаш ми била еден предизвик, сон и желба уште од мал. Мила како личност за соработка е прекрасна и ми е многу драго што годинава, ете излезе да го изработам нејзиниот костим за на сцена, како и гардеробата за црвениот тепих. Се излезе многу спонтано, уште кога ми ја пратија песната, ја замислив Мила во уникатна креација, а сепак да изгледа урбано и најважно од се, да одговара на нејзиниот карактер- раскажува Занов за ,,Фокус”.
По потекло тој е од Валандово, но подолг период живее и работи во Скопје. Зад себе имал соработки со Тамара Тодевска, Јана Бурческа, групата Ај Кју, учесниците од Македонски Идол и други лица од естрадата. Како дизајнер кој стои позади брендот ZANOV, првата колекција ја имал во Октомври 2015 година и оттогаш професионално започнала неговата кариера. И во текот на неговите студии работел на многу проекти. Вечерва ја презентира неговата седмата колекција по ред. Настанот ќе се случи во ,,BKW Hybrid bar” со почеток од 20 часот, а ќе трае до еден часот по полноќ.
Мила Москов утре настапува четврта по ред на Детската Евровизија, а нејзината песна доби доста позитивни критики на социјалните мрежи посветени на настанот.
Вики Клинчарова