Европските земји со нови рестрикции по растот на бројот на заразени

by fokus

Европските земји, од Данска на север до Грција на југ најавуваат нови рестриктивни мерки со зголемувањето на бројот на заразени од корона вирусот.

И Велика Британија размислува повторно да воведе целосен карантин, пренесува Ројтерс.

Бројот на нови инфекции во Велика Британија се искачи на 6.000 дневно во последната недела, а исто така се зголемува и бројот на пациенти во болниците. Бројот на новоинфицирани расте во северниот дел на Англија и во Лондон.

Британскиот министер за здравство Мет Хенкок изјави дека новиот карантин ќе биде последното средство, а владата е подготвена на се за да го намали бројот на нови инфекции.

Во последните два месеци, бројот на новоинфицирани расте во поголемиот дел од Европа. И во Франција и Шпанија расте бројот на пациенти примени на интензивна нега и бројот на смртни случаи.

Во Шпанија, каде што има најголем број заразени во Европа, властите најавија дека денеска ќе донесат нови мерки во Мадрид. Тие исто така размислуваат да воведат блокада во најтешко погодените делови на градот.

Властите на југот на Франција забранија собири на повеќе од десет лица и го ограничија работното време на баровите во Ница, Марсеј и Бордо.

Вчера во Данска имало 454 новоинфицирани, додека рекордот од 473 беше во април. Министерот Мете Фредериксен најави ограничување на јавните собири од 100 на 50, како и затворање на баровите и рестораните.

Во Грција, каде што првиот бран на инфекција не остави поголеми последици, премиерот Кирјакос Мицотакис рече дека владата има намера да ги заостри рестриктивните мерки поради зголемувањето на бројот на заразени во областа Атина.

Европските земји се надеваат дека нема да мораат да го следат примерот на Израел, кој повторно воведе целосна блокада поради зголемувањето на бројот на нови инфекции.

Поврзани новости