Сега е јасно дека претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов, заедно со ВМРО-ДПМНЕ прави се што е во нејзина моќ, вклучувајќи и непочитување на Уставот, за да спречи опозицијата да дојде на власт. Ваква реакција денеска пристигна од Европските социјалисти, кои најостро ја осудуваат неговата одлука да не му го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Тие побараа од него да се придружува до Уставот на Македонија и да не наоѓа изговори со кои ќе го спречи Заев во преземањето на функцијата.
– Ова е целосно неприфатливо и Европа треба да дејствува на најстрог можен начин. Најлошо е тоа што заедно тие поттикнуваат националистички чувства, што може да има непредвидливи последици. Првите знаци од нив се веќе видливи: новинари биле нападнати на протестот подржан од страна на ВМРО-ДПМНЕ; повеќе од 20 локални штабови на СДСМ беа нападнати; Пратениците на СДСМ беа малтретирани – некои од нивните куќи беа вандализирани, и постојано се следени од страна на неидентификувани лица. Претседателот Иванов и ВМРО-ДПМНЕ се одговорни за каква било ескалација на ситуацијата во земјата – изјави потпретседателот на групата на Европските социјалисти во ЕП, Виктор Боштинару.
Тонино Пицула, известувач во сенка на Европските социјалисти во Македонија, додаде:
– Сега се докажа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направат се за да ја избегнат одговорноста пред Специјалното Обвинителство за нивните незаконски активности, кои сите ние можевме да ги слушнеме од прислушуваните разговори. Европа сега мора јасно да каже дека ова не е прифатливо, и да го повика претседателот Иванов да дејствува на одговорен начин за иднината на својата земја. Ние го осудуваме тоа што претседателот и ВМРО-ДПМНЕ со незаконски средства ги подгреваат етничките тензии во земјата само за да останат на власт. Апелираме до нив да го почитуваат исходот на изборите и фактот дека опозицијата, заедно со албанските партии, формираа парламентарно мнозинство – тврди Пицула.