Шефот на германската дипломатија Аналена Бербок денеска изјави дека Русија мора да плати за своите, како што рече, „воени злосторства“ во украинскиот град Буча, недалеку од главниот град Киев, во форма на построги санкции.
„Сликите од Буча се неприфатливи, нескротливото насилство на Путин ги брише невините семејства и не познава граници. Одговорните за овие воени злосторства мора да одговараат. Ќе ги заостриме санкциите кон Русија и уште повеќе ќе и помогнеме на Украина во одбраната“, напиша Бербок на Твитер.
Германскиот канцелар Олаф Шолц ги повика нмеѓународните организации како што е Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) да им биде дозволен пристап до погодените области со цел независно да се документира она што тој го опиша како „ѕверство“.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги опиша злосторствата во Буча како „ужасни“, истакнувајќи дека „тоа е бруталност кон цивилите каква што не сме виделе во Европа со децении“.
„Ужасно е и апсолутно неприфатливо да се пука во цивили и да се убиваат. И тоа само ја нагласува важноста дека оваа војна мора да заврши“, изјави Столтенберг за Си-Ен-Ен.