Што откри новата „бомба“: Мафија бе шефе, во криза се познава карактер!

by Фокус

На јутјуб-каналот „The truth above all“ вчера беа објавени разговори меѓу поранешниот премиер Никола Груевски и бизнисменот Орце Камчев, чија автентичност денеска ја потврди и Груевски.

Станува збор за две снимки, во кои двајцата соговорници разговараат за судскиот случај „Плацеви на Водно“, во кој Груевски е првообвинет дека со партиски пари стекнал плацеви на Водно.

Како што е познато, и Камчев е меѓу обвинетите, бидејќи, според обвинителството, преку купопродажба учествувал во затскривање на трагите дека овој имот всушност е на Груевски. На последните рочишта, Камчев призна дека плацевите биле на Груевски, кој, според Камчев, потоа постигнал договор да ги трампа за 3 ексклузивни станови во комплексот Панорама.

Но, во објавените разговори Камчев му говори на Груевски за исказот што го дал пред обвинителството, истакнувајќи дека рекол оти Груевски немал никаква врска со нив.

„Груевски џабе го спомнувате во оваа работа…Навистина никој те нема спомнато во изјавите. Освен Ристе (Новачевски), никој друг нема… Кога јас и ти сме зборувале за плацеви и за оваа работа? Никогаш во живот. Епа што да ти кажам Никола, ако треба да лажам, да зборам дека си ми кажал нешто“, говори Камчев.

Потоа, тој ја споменува и обвинителката во случајот Лиле Стефанова, посочувајќи дека во секој предмет таа му е обвинител.

-Јас бев спремен да ја нападнам, но немав гаранција од Вилма (Русковска). Сакав да и ги извадам пораките на (Ванчо) Чифлиганец и нејзе за тоа таквото, тие што ги имам, разбираш. Ама да имам гаранција, да идам само јас со глава во ѕид, овие сите бегаат.

Зашто нејасно е зашто само мене Стефанова ми е обвинител во сите предмети. Јас ги имам тие, но треба да влезе обвинителство, со телефони, да ги земе и да ги отвори. Васе Димишков е сниман дека и бара на Ана 6 милиони, па таа не отвора истрага. Кај има таква работа. Сестра му уште е на предметот. Мафија бе шефе! – му вели Камчев на Груевски.

Во однос на тоа, Груевски одговара:

„Во криза се гледаат луѓето кој каков карактер е. Инаку, вака не можеш да ги препознаеш. Колку излегоа сега така кршливи, лелеее. И ти и ја немало да ги препознаеме порано…“.

За потсетување, Груевски побегна во Бидумпешта непосредно пред да мора да замине на одлежување на затворска казна за случајот со набавка на мерцедесот, поради што моментално зад решетки е Гордана Јанкулоска.

Поврзани новости