Младите од земјава може да учествуваат во волонтерски активности во ЕУ преку новата програма во која пристапи нашата земја – Европски солидарен корпус (ЕСК) и да покажат солидарност, посветеност кон заедницата, да помогнат во решавањето разновидни ситуации низ цела Европа. Програмата денеска ја промовираа Секретаријатот за европски прашања, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОПМ) и Министерството за образование и наука.
Според потпишаниот Договор, апликантите од земјава може да бидат од два вида – млади и организации. Во ЕСК може да учествуваат млади од 18 до 30 години кои ќе се вклучат во активности на солидарност преку организации, институции, јавни или приватни тела што нив ги организираат. Нивниот престој во земјите на ЕУ ќе биде од два до 12 месеци со покриени трошоци од грант на програмата ЕКС преку која, исто така, и млади од Европа може да учествуваат во волонтерски активности во нашата земја.
Секоја јавна или приватна организација која има Еразмус+ волонтерска акредитација или Ознака за квалитет и е законски основана во држава учесничка (државите членки на ЕУ, плус Исланд, Република Северна Македонија и Турција) може да учествува и да аплицира во НАЕОПМ за солидарни проекти во траење до 12 месеци. Проектите треба да се однесуваат на предизвици на локалната средина, но истовремено ќе промовираат европски вредности.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи промовирајќи ја новата европска програма за која земјава потпиша договор минатата година, рече дека во СЕП се обезбедени ИПА-средства за учество во програмата за оваа и за 2020 година.
Промоторите на програмата, вицепремиерот Османи, министерот Арбер Адеми и директорката на НАЕОПМ Лидија Димова, посочија дека членството во оваа нова програма отвора големи можности за учество на нашите млади во волонтерски активности каде преку неформално образование ќе може да стекнат вештини и компетенции за нивниот личен, образовен, социјален, граѓански и професионален развој.
Позитивни искуства од ЕСК на настанот сподели Дарио Королија од Куманово кој минатата година завршил средно образование и самоиницијативно се вклучил во ЕСК. Бил во Турција, а потоа шест месеци во Исланд. Таму имал активности со основци, меѓу кои и деца со аутизам, како и со стари лица со ментална попреченост.
– Исланд ми го промени животот. Ги советувам сите млади, особено оние што завршуваат средно училиште, да одат на ЕСК, тоа е нешто најдобро што може да го направат за себе, рече Королија.
Преку ЕСК има и млади од други земји кои волонтираат во нашата. Меѓу нив се Махмуд и Ајлин од Турција кои престојуваат во Битола. Меѓу другото, имаат активности со ученици со кои на работилници за интеркултурализам учат за сличностите меѓу јазиците и културите на двете земји…
Единственото државно училиште што добило ваква апликација од земјава е посебното училиште „Златан Сремац“. Директорката рече дека добиваат поддршка за инклузивност и дека волонтерите со своите идеи внеле енергија меѓу децата со попречености. Притоа посочи дека придобивките од волонтерите не треба да се разбираат како доаѓање до, како што рече, бесплатна работна рака.
За периодот 2018-2020 година, програмата на ЕУ Европски солидарен корпус има буџет од 375,6 милиони евра. Од нив 90 отсто се за волонтирање и 10 отсто за практикантство и работни места.