Европскиот сојуз за промени – коалицијата од албански опозициски партии денеска одлучи да ги сплоти и пратениците во една пратеничка група. Ова меѓудругото го соопштија лидерите на трите партии, Алтернатива (Африм Гаши), Демократско двиѓење (Изет Меџити) и БЕСА (Билал Касами).
Оттаму информираа дека „за координтарот на оваа група, со согласност од трите партии, се поставува пратеничката Сафије Садики Шаини, додека заменик-координатор пратеничката Мерита Коџаџику“.
„На овој начин, Европскиот сојуз за промена цели да ги искористи сите можности кои ги дава Деловникот на Собранието за пратеничките групи. Иако пратеничкиот мандат е при крај, сметаме дека има многу отворени прашања и процеси поврзани со европската иднина на замјата, за што нашиот Сојуз е сериозно заинтересиран да помогне. Во овој правец, и формирањето на пратеничката група ќе биде додадена вредност во оваа соработка. Од тука сакаме на граѓаните да им ја соопштиме радосната вест дека нашето здружување расте и нашата моќ се зголемува“ велат од Сојузот.
Оттаму апелираа до претседателот на Собранието „да не го пролонгира изборот на членот на ДИК кој и следува на опозицијата, бидејќи тоа го прави соучесник во непочитувањето на Изборниот законик“.
„Ние сме одлучни оваа битка да ја водиме се до целосното ослободување на Албанците од режимот на ДУИ и нивните чираци. Во овој пат ништо не не обесхрабрува. Напротив, колку повеќе сметаат дека не напаѓаат и попречуваат, ова само не прави посилни. Мнозинството од албанскиот народ во Северна Македонија, кој сакаше нас да не види заедно во овој Сојуз, сака промена и оваа лавина на промена никој не може да ја спречи. Ние сме тука само за да ја исполниме оваа обврска и вредно да работиме за да овозможиме успех на нашата заедничка иднина“ велат опозиционерите.