Европската комисија препорачува итно решавање на спорот со името и поефикасна администрација

by fokus

Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на Македонија ја оценува македонската јавна администрација како умерено подготвена во однос на стандардите на ЕУ.

Направен е прогрес со усвојување на стратегијата за реформа на јавната администрација и јавниот финансиски менаџмент. Направени се конкретни чекори кон зголемување на транспарентноста во носењето на одлуките, пишува во извештајот. Неопходно е зголемување на капацитетот на Министерството за информатичко општество и администрација за да може успешно да ги спроведе реформите на јавната администрација. Клучно е да има силна политичка волја за професионализација на јавната администрација, особено при назначување на повисоките управувачки позиции и почитување на принципите на транспарентност, согласно мерит ситемот. и почитување на процедурите при нивното назначување. Неопходна е и натамошна обука на администрацијата за поуспешно имплементирање на административните процедури, препорачува ЕК.

Правен систем и владеење на правото

Направен е одреден прогрес и во правосудниот систем. Новата Влада покажа политичка волја да ги исполни Итните реформски приоритети. Назадувањето забележано во минатите години почнува да се поправа преку конкретни и одлучни чекори за постигнување независност на судството. Усвоена е нова правна реформска стратегија со која се предвидуваат натамошни реформи во оваа област во согласност со препораките од Венецијанската комисија и Итните реформски приоритети. СЈО се соочува со помалку опструкции од судовите и може поефикасно да ја извршува својата работа. Опструкциите со кои се соочуваше СЈО се намалија по промената на политичката клима и разрешувањето на поранешниот државен јавен обвинител. Тоа резултира со поднесување и процесуирање на повеќе случаи. Неопходно е релавантните институции да покажат проактивен однос кон СЈО за зголемување на ефиканоста на борбата против корупцијата.

Основните права и понатаму се во голема мера заштитени со закон, но како и во сите други области, потребна е посветеност за нивно спроведување. Надлежните независни и регулаторни тела треба дополнително да се зајакнат, со соодветен буџет и квалификуван персонал. Функционалната независност на овие тела мора да се гарантира во пракса. Неопходно е да продолжат напорите за реформа на судството за да може да функционира без влијание и притисоци. ЕК препорачува да бидат усвоени и спроведени мерките предвидени во стратегијата за судски реформи, вклучувајќи ги и реформата на системот за назначување, унапредување и разрешување на судиите и обвинителите, почитување на независноста на судскиот систем на сите нивоа, зајакнување на институциите задолжени за спречување и борба против корупцијата

Борба против корупција и организираниот криминал

ЕК и во оваа сфера костатира дека е постигнат напредок. Постои правна и институционална рамка иако се уште недостасува финализирање на случаите на повисоко ниво на корупција во судовите. Корупцијата останува присутна во повеќе области и продолжува да биде сериозен проблем. Институциите задолжени за борба против корупцијата покажуваат одредени слабости, а ризик остануваат и политичките влијанија. Земјата има усвоено европски стандарди за борба против организираниот криминал, но мора да продолжат напорите за нивна имплементација. Преземени се чекори за реформа на системот за следење на комуникациите предвидени со Итните реформски приоритети. Потребна е поефикасна борба со одредени форми на криминал како што се перењето пари и финансиски криминал. Координацијата меѓу релевантните институции е клучна за успешно справување со организираниот криминал. ЕК забележува и дека е многу мал бројот на процесуирани случаи и обвиненија за овој вид на криминал.

Македонија одржува добри односи со другите држави во регионот и активно учествува во регионалните иницијативи. Направени се значајни чекори за подобрување на добрососедските односи, особено со склучувањето на билатералниот Договор за добрососедство со Бугарија и градењето доверба со Грција, оценува ЕК во најновиот извештај за напредокот на земјата.

Во делот од извештајот за регионалната соработка, се неведува дека односите со Бугарија се подобрија со доаѓањето на новата Влада. Беше потпишан Договор за добрососедство меѓу двете земји што резултираше со склучување серија билатерални спогодби. Во ноември 2017 беше одржана и заедничка седница на владите на двете земји во Струмица.

Односите со Грција се подобрија, особено во втората половина на 2017 година. Формалните разговори за прашањето за името беа обновени во декември лани. Неопходно е итно решавање на прашањето за името. Разговорите за ова прашање што се водат со посредство на ОН се интензивираат. Конструктивните дискусии меѓу премиерите и министрите за надворешни работи на двете земји влијаат позитивно за подобрување на меѓусебната доверба. Министрите за надворешни работи на двете земји имаа повеќе билатерални средби. Премиерот Заев го посети Солун и се сретна со градоначалникот, а продолжија и конструктивните разговори за имплементација на мерките за градење доверба. Изјавите на двајцата премиери во јануари годинава, преименувањето на аеродромот во Скопје и на автопатот, беа конкретни знаци за зајакнување на меѓусебната доверба. Тоа беше проследено и со деблокирање на втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација и приклучувањето на Македонија во Стратегијата на ЕУ за Јадранскиот и Јонскиот регион. Економските и трговските односи меѓу двете земји продолжија да се одвиваат нормално, наведува ЕК.

Билатералните односи со Албанија се интензивирани по изборот на новата Влада. Одржана е заедничка меѓувладина седница и потпишани се повеќе билатерални договори за подобрување на соработката.

Односите со Косово продолжуваат да се развиваат. Премиерот Зоран Заев ја посети Приштина во декември лани. Потпишан е договор за отворање нов граничен премин и договорено е одржување меѓувладина седница. Имаше одредени тензии по одлуките поврзани за учеството на косовски државјани во настаните во Куманово во 2015 година.

Односите со Србија се генерално добри. Имаше спорадични тензии, но тие беа брзо надминати. Премиерот Заев го посети Белград во ноември 2017, се вели во извештајот на ЕК.

Поврзани новости