Во Македонија владини функционери користат неновинарска реторика и има притисок врз новинарите на кои им се заканува затвор, смета генералниот секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез.
– Ова е моја четврта посета на Македонија од 2013 година и сè уште сум загрижен за состојбата со медиумите. Се забележува притисок врз новинарите и употреба на неновинарска реторика од повеќе владини функционери, како и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Новинарите во Македонија, освен со закани, се соочуваат и со затвор. Македонија е една од петте земји во Европа што има новинари во затвор, заедно со Турција, Азербејџан, Црна Гора и со Русија. Целосно неприфатливо за европските стандарди е кога новинари се држат долго време во притвор, како што е случајот во Македонија. Според нас, медиумите во Македонија веќе се соодветно регулирани и сметаме дека не се потребни дополнителни закони за регулација. Прекумерната регулација е спротивна на европските стандарди – изјави Гутиерез.
Дека не е потребна дополнителна регулација, смета и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, кој рече дека новинарите и медиумите се изложени на жесток притисок од власта, која со гола сила сака да ги замолчи.
– Воведување на повеќе закони ќе значи помала слобода на медиумите. ЗНМ ја отфрла глупавата идеја за дополнителна регулација на медиумските содржини. Тие треба да се решаваат со саморегулација, а не со мешање на државата – вели Селмани.
За извештајот на „Репортери без граници“ и рангирањето на Македонија на 111. место според индексот на слобода, односно скокот од седум места во споредба со претходниот извештај, кога Македонија беше на 118. место, Гутиерез рече дека тоа не е вистински напредок.
– Вистински напредок би било ако Македонија се врати на нивото на кое беше пред пет-шест години, кога беше на 34. позиција – додаде Гутиерез.
Извор: Мета