САД ќе работат на испорака на 15 милијарди кубни метри течен природен гас на пазарите на Европската унија оваа година во услови кога Европа се обидува да ги намали руските испораки на гас.
Американскиот претседател Џо Бајден и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен денеска најавија формирање на работна група за намалување на зависноста на Европа од руските фосилни горива по руската инвазија на Украина.
-Денес се договоривме за заеднички план за таа цел, истовремено забрзувајќи го нашиот напредок кон безбедна, чиста енергетска иднина, рече Бајден на прес-конференција, додавајќи дека нивната иницијатива, исто така, ќе се обиде да ја максимизира употребата на обновливите извори на енергија и да ја намали побарувачката на енергијата.
ЕК, исто така, ќе работи со земјите од ЕУ за да се осигури дека тие ќе можат да добијат околу 50 милијарди кубни метри дополнителен течен природен гас најмалку до 2030 година, соопштија од Белата куќа. Не е јасно дали тоа се однесува на износи дополнителни на минатогодишните 22 милијарди кубни метри извоз на САД во Европската унија.
-Се здружуваме за да ја намалиме зависноста на Европа од рускиот гас. Не треба да го субвенционираме бруталниот напад на Путин врз Украина, порача американскиот претседател претпладнето на заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен.
Блокот веќе ги засили напорите да обезбеди повеќе течен природен гас по разговорите со земјите добавувачи, што резултираше со рекордни испораки од 10 милијарди кубни метри во повеќе од 120 бродови во јануари. Тој месец, испораките во САД се зголемија на 4,4 милијарди кубни метри, што е двојно повеќе од нормалниот износ за јануари.
Околу 10 отсто од потребите за гас на ЕУ се задоволуваат од домашното производство. Русија вообичаено обезбедува 41 процент од остатокот од потребите на блокот. Комисијата планира во мај да подготви планови за ставање крај на користењето на руските фосилни горива од страна на Европската унија до 2027 година.
Минатата година ЕУ увезе 155 милијарди кубни метри руски гас, а тоа околу 40 отсто од вкупниот увоз. Само Германија, на пример, увезува околу 55 отсто од својот гас од Русија, а веќе го суспендираше најавеното отворање на новиот гасовод „Северен тек 2“.
Друг голем производител на гас, со кој дел од европските лидери веќе разговараа, е Катар, меѓутоа, Катарците порачаа дека не може да пренасочат драстично поголеми количини гас кон Европа.
Згора на тоа, анализираат западните медиуми, има и ограничена достапност до терминалите за течен природен гас во Европа, кои и така работат со висок капацитет.