Од денеска официјално стапува на сила укинувањето на роамингот за сите корисници на мобилни телефони во земјите на ЕУ. За жал, тоа не се однесува за македонските корисници, како и за останатите држави на Балканот, кои и понатаму ќе плаќаат поскапи сметки кога се во странство.
По цели 8 години, Европската комисија со телефонските оператори за укинување на роаминг трошокот (трошок што се плаќа кога сте во странство и го користите мобилниот телефон за повици и интернет), успеа да направи промена. Сепак, ЕК може да се пофали дека ја добила најголемата битка, но не и целата војна.
Со укинувањето на роамингот, Европјани ќе можат да ги користат мобилните телефони како да се дома, но со одредени лимити.
Преговори на ЕК со телефонските оператори траеја долго. Сепак, дури 36 европски оператори одлучија да не ги послушаат советите на ЕК и ќе продолжат да го наплаќаат роамингот. Кај нив цената на роамингот е сведена на минимум и најавуваат дека мерката ќе биде само привремена и дека наскоро и тие ќе им се придружат на оние кои го укинуваат роамингот.
“Операторите имаа две години за да се подготват за крај на роамингот и се надеваме дека ќе ја искористат оваа шанса со примена на новите правила за да ги задоволат нивните корисници”, изјавија вчера во заедничко соопштение претседателите на Европскиот парламент Антонио Тајани, на ЕК Жан-Клон Јункер и претседавачот со ЕУ премиерот на Малта Џозеф Мускат.
Европскиот парламент најавува дека борбата со операторите ќе продолжи, а крајната цел е целосно и тотално укинување на роамингот и на трошоците за меѓународни повици во целата ЕУ.