Еврокомунистот Џорџо Наполитано и ние

by Фокус

Го немаме тој човечки, морален и интелектуален капацитет да го препознаеме кај нашата комунистичка партија и кај нејзините челници истиот мачен и спор процес низ кој поминал Џорџо Наполитано од приврзаност кон комунистичката догма до напуштање на социјалистичката утопија, во прилог на парламентаризмот, правната држава и личните слободи.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

И тоа се случува. Минатата недела, папата Френсис, за првпат во историјата на Католичката црква влегол во италијанскиот сенат за да се поклони пред ковчегот на починат поранешен претседател на Италија, Џорџо Наполитано.

Не се случува често еден папа да му оддаде почит на поранешен комунист, вели коментаторот на лондонски „Гардијан“.

И не се случува често еден негов кардинал, на еден секуларен, пркосно нерелигиозен погреб да зборува со толку топли зборови за починатиот комунист.

На погребот на 98-годишниот Наполитано, кој бил член на комунистичката партија на Италија од раната младост до нејзиното расформирање во 1991, присуствувал и францускиот претседател Емануел Макрон.

Инаку, за претседател со седумгодишен мандат, Наполитано бил избран во 2006 за во 2013 година, по многу убедувања, да прифати и втор мандат, станувајќи така италијански претседател со најдолг мандат во историјата на државата.

Убеден комунист, Наполитано се менувал себеси и партијата на која ѝ припаѓал, со цел да се адаптира на еден повоен свет и самиот во перманентна промена.

Во тој процес на менување, стекнува репутација на умерен политичар подготвен на компромиси заради заедничкото добро.

Грешел, велат неговите биографи, но знаел да ги исправи грешките. Во 1956 година ѝ дава поддршка на советската инвазија на Унгарија за, педесет години подоцна, да положи цвеќе на споменикот на паднатите маченици.

ГРЕШЕЛ И СЕ ПОПРАВАЛ

Џорџо Наполитано, заедно со својот ментор во партијата Џорџио Амендола, челници на италијанските „еврокомунисти“, постепено, низ годините на Студената војна, се откажуваат од револуционерната идеологија на Ленин, во прилог на парламентаризмот, на соработка со умерените партии и во поддршка на европското обединување.

Животната траекторија на Наполитано, пишува Мартин Кетл во „Гардијан“, кој го интервјуирал во 1989 година, на конгресот на италијанските комунисти, беше реформизмот, постепеноста, толеранцијата и важноста на демократските институции.

Како претседател на Италија во текот на цели 14 години, овие негови човечки квалитети му донесоа почит дома и во меѓународното општество на држави. Папата Френсис, зборувајќи за поранешниот претседател, ќе каже: „Ја ценев човечноста и далекувидоста во носењето исправни одлуки, особено во деликатните моменти во животот на оваа земја, постојано со намера да се промовира единството и хармонијата во духот на солидарноста, мотивирано од потрагата по заедничкото добро“.

Во целосен контраст со она што го читам во Македонија за нашите некогашни политичари, особено од почетокот на 1990-тите, на чело со првиот претседател Глигоров, никаде не прочитав дека Џорџо Наполитано е измамник затоа што во својата младост го пригрлил ленинизмот, кој подразбира и револуционерно насилство како метод за водење на политиката, а дека дури подоцна се откажал од него во прилог на парламентаризмот.

Не прочитав ни дека е дволичен затоа што ја оправдал агресијата на СССР врз Унгарија во 1956 година за подоцна да се определи за демократска Италија во обединета Европа.

Никој не го изложува на потсмев затоа што, во еден период од животот, се обидувал да го реформира она што не можело да се реформира во политиката на левицата во Италија и ширум Западна Европа.

НИЕ СЕ ИСМЕВАМЕ СО „КОМУЊАРИТЕ“

Уште помалку кога, на крајот, комунистичката партија на Италија на Џорџо Наполитано се откажува од социјалистичката утопија и се самоукинува. Зашто сите тие постапки се дел од животот, кој често знае да земе поинаков тек од замислениот или посакуваниот.

И повеќе од тоа: зашто, заблудите и грешките се дел од животите на сите генерации. Денес Италија е горда што имала таков човек, таков комунист, на чело на својата земја.

Ние, во Македонија, кои толку ѝ должиме на комунистичката партија за нацијата и државата, се исмеваме со „комуњарите“, на нејзините истакнати претставници им ги помниме само заблудите, грешките и измамите…

Зошто е тоа така? Затоа што сѐ сме брзи да осудиме, а бавни да пофалиме. А, зошто сме такви?

Затоа што го немаме тој човечки, морален и интелектуален капацитет да го препознаеме кај нашата комунистичка партија и кај нејзините челници истиот мачен и бавен процес низ кој поминал Џорџо Наполитано и неговата Комунистичка партија на Италија – од приврзаност кон комунистичката догма до напуштање на социјалистичката утопија, во прилог на парламентаризмот, правната држава и личните слободи.

Ете затоа, триесет и две години по независноста, не можеме да ја составиме нашата победничка приказна, на начин на кој Италијанците ја кажуваат за комунистичката партија на својата земја и за нејзиниот челник Џорџо Наполитано.

Победнички приказни на две комунистички партии, кои се самоукинале?! Токму така.

Поврзани новости