Еврокомесарот Хан доаѓа во Скопје, три дена по рокот за специјален обвинител

by Фокус

Еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, идниот петок на 18-ти септември ќе пристигне во Македонија за да слушне за напредокот и резултатите во имплементацијата на политичкиот договор од 2 јуни, вклучувајќи различни рокови за постапување, јави дописникот на МИА од Брисел.

Како што денеска за МИА потврди портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, Хан, исто така, во рамки на посетата на нашата земја планира и рестартирање на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), што беше исто така договорено со Протоколот од Пржино на 15-ти јули.

Сепак, според информациите од Еврокомисијата, како што пренесува МИА, неформалната Влада на Европската унија, при договарањето на точките од ХЛАД-от со македонската Влада, ставиле јасно до знаење дека доколку до 15-ти септември не биде избран Специјалниот обвинител што ќе се справува со прислушуваните материјали на СДСМ, а што е краен рок според договорот од 2 јуни, дека во тој случај Хан планира да го откаже Пристапниот дијалог и само да одржи средби со претставниците од власта, опозицијата и од граќанското општество во Македонија.

– Ако политичките партии не го почитуваат крајниот рок од 15-ти септември за именување на Специјален обвинител, природата на било-каква посета на комесарот ќе биде прилично поинаква, наводно порачале од Европската комисија во однос на посетата на комесарот Хан закажана за 18-ти септември..

Тоа значи дека во случај да не се избере Специјалниот обвинител до посочениот краен датум, според договорот од 2 јуни и Протоколот на иститот од 15. јули, тогаш Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и Европската комисија би отпаднал и само ќе има билатерална посета на комесарот за преговори за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.

– Комесарот Хан планира да ја посети Република Македонија на 18. септември, со цел да слушне за напредокот и резултатите во имплементацијата на политичкиот договор од јуни, вклучувајќи ги и различните рокови за постапување. Состанок на Дијалогот на високо ниво (ХЛАД), исто така треба да се одржи во текот на оваа посета. Политичките партии кои го потпишаа политички договор во јуни веќе се согласија дека на средбата за ХЛАД-от треба да се вклучи сите главни политички партии, истакна портпаролката Коцијанчич.

 

Поврзани новости