ЕВН бара судска мерка за да влезе на имот на Макпетрол и да поправи дефект

by fokus

Речиси две недели жителите на скопско Ново село се половично без струја затоа што не функционира една фаза на која се поврзани околу дваесетина куќи, еден супермаркет и една бензиска пумпа. Екипи на ЕВН не можат да го санираат дефектот во овој дел од дистрибутивната мрежа затоа што трафостаницата која треба да се провери се наоѓа на имот во сопственост на Макпетрол.

Жителите изреволтирани поради тоа што со денови чекаат да се реши проблемот, денеска излегоа на протест. Тие ја блокираа улицата Волковска, која ја поврзува населбата Даме Груев со селото Волково. Колони возила и автобуси на ЈСП беа блокирани поради протестот на дваесетина жители од Ново село, кои бараат струјата да се врати во нивните домови.

-Немам како да се избињам на овие жештини затоа што фазата го опфаќа токму тој дел каде што ми е приклучен бојлерот. Дворот не можам да си го искосам. Цела куќа ми е со кабли за да ги поврзам на струја фрижидерот и телевизорот – вели жител на населбата.

-Кам маркетот има агрегат и работи непречено, а ние затоа што немаме агрегат, останавме неизбањати – се жалат жителите.

Дефектот кој треба да се поправи е минимален. Како што велат жителите, најверојатно треба да се сменат само два осигурачи. Но трафостаницата се наоѓа од другата страна на оградата, во дворот на Макпетрол, а на екипи на ЕВН не им е дозволено да влезат внатре.

Од компанијата велат побарале судска мерка, па наскоро би можеле конечно да влезат со полициска асистенција.

-Имаме опструкции од сопствениците на земјиштето каде се наоѓа нашата трафостаница. Поднесено е барање за времена мерка за да можат екипите непречно да влезат и да го отстранат дефектот. Го разбираме револтот на граѓаните. До сега секогаш сме реагирале на проблеми со снабдувањето, освен во случаи кога имаме опструкции од трета страна – велат од ЕВН.

М.В.

Поврзани новости