Тунтев: Договорот е висок патриотски чин, носи иднина за државата и сите граѓани

by fokus 14:24
14:24

Договорот за кој треба да се изјасниме е висок патриотски чин, носи иднина за државата и за сите граѓани. Овој договор го гарантира македонскиот идентитет, македонски народ, Македонец, Македонска, македонски, еднаш засекогаш, изјави денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.

Од прес-конференцијата во Собранието, Тунтев ги повика пратениците од опозицијата да се вратат и да учествуваат во дискусијата за ратификација на договорот за името, посочувајќи дека по дополнителни консултации тие можеби ќе решат да се вратат.

- Advertisements -

– Ова се нови просперитетни времиња за Македонија и за нејзините граѓани. ВМРО-ДПМНЕ прво треба да расчисти со криминалот во сопствените редови и да земе учество во овој процес, кој ќе овозможи граѓаните сами да одлучат за македонската европска иднина. ВМРО-ДПМНЕ мора да сврти нова страница доколку сака да фати чекор со светлата иднина на нашата држава, рече Тунтев.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ истакна дека потпишувањето на договорот е само првиот чекор кон она што граѓаните го заслужуваат и 27 години го очекуваат, потоа следува референдум и самите да се изјаснат за иднината на сопствената држава и за иднината на своите деца.

Запрашан зошто се носи Пред-законот за ратификација на договорот за името со европско знаменце, Тунтев вели дека и досега имало ратификации со европско знаменце.

– Поевропски документ од овој договор за нашата држава немало и заради тоа ја прифативме одлуката на Владата на Република Македонија да стави европско знаменце на овој договор, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ.

Поврзани новости