Работниците на Еурокомпозит од Прилеп која е во државна сопственост со протест пред Владата си ги побараа заостанатите плати. Тие инсиситраат да се сретнат со премиерот Груевски или со некој од економските министри за директно од нив да ги побараат 14-те заостанати плати, придонесите за здрваствено и пензиско осигурување и да им се одговои каков план има Владата со нивната компанија.
„Немаме примено плата 14 месеци, не третираат како уличари. Некои кучиња во Македонија имаат поголеми права и привилегии од нас. Веќе навистина ни е преку глава од се. Нема да се откажеме од тоа што сме го сработиле и затоа го повикуваме лично премиерот да излезе пред нас и да ни вети исплата, но и да ни каже што со нас и нашата фирма“- изјави еден од работниците за „Фокус“.
Пред да пристигнат до Владата, стотината работници протеситраа и пред парламентот во надеж дека ќе го разбудат хуманиот дух на пратениците.
„За оваа 2015-та година имаме примено само по шест илајди денари, сега пред Велигден. Ако пресметаме дека од први јануари до сега се изминати 100 дена, а ние сме примиле по 100 евра, значи дека нашиот труд вреди едно евро на ден. Здравјето и младоста ги оставивме во оваа фирма, а Владата наместо да ни помогне не смета за непријатели“- раскажува друг работник.
Измачени, остарени, со тешки мисли, со неизвесна иднина, а со цели семејства и деца кои чекаат од нив, работниците на свој трошок допатуваа од Прилеп во Скопје за момент да се обидат да ја разбудат свеста на власта. Тие практично не бараат ништо повеќе од тоа што им следува.
„20 години немам видено сино картонче. Ние како да не постоиме во системот. Три години не ми се платени придонеси, плата заборавив како изгледа, а дома гладни устаи чекаат од мене. Како да бидам глава на семејството и да придонесувам за општеството кога државата се однесува кон мене како да сум животно. Просјаци не направија. Работевме со децении, а сега живееме со позајмици и од милост на соседите и роднините“- изјави за „Фокус“ еден од повозрасните работници на Еурокомпозит.
На протестот беше присутен и претседателот на СИЕР, синдикатот под кого се овие работници за да им изрази поддршка. „Ако сака државата може одма да најде решение за овие работници, ама дали сака? Овие луѓе немаат никаков статус во државата, вработени се, а не користат работничли права“- изјави Пеце Ристевски од СИЕР.
По неколкучасовното протестирање работниците очекуваат дека деновиве некој ќе им се јави да им закаже средба за да дојдат повторно во Скопје.