Бугарија се обидува да ја смени тактиката кон Скопје, откако земјата во декември го блокираше патот на Северна Македонија кон Европската унија, а вчера бугарската министерка за надворешни работи му го презентираше на специјалниот пратеник на земјава за Бугарија, Владо Бучковски Акцискиот план за соработка во имплементација на Договорот за добрососедство, пишува бриселски „Еурактив“.
Бугарскиот документ, кој се однесува на сите секторски министерства, ќе биде разгледан од властите во Северна Македонија.
Од бугарска страна, додава „Еурактив“, ќе бидат разгледани предлозите во нашиот Акциски план, а потоа двете влади треба да дадат одобрување и тоа би се случило на претстојниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија.
Дипломатски извори за „Еурактив“ изјавиле дека Софија има предлози поврзани со железниците и инвестиции на бугарски компании во Северна Македонија. Во планот, според истите извори, има и предлози за отворање на кампуси на бугарски универзитети во Северна Македонија, а опфатени се и учебниците по историја.
-Предложениот план е првиот конструктивен чин на властите во Софија откако вицепремиерот Красимир Каракачанов во септември објави дека треба да се блокира европската перспектива на Северна Македонија, пишува „Еурактив“.