Царовска на дебата со професори по уметностите: Не брзаме, туку доцниме со реформите во образованието

by fokus

Министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници од Бирото за развој на образование и професори од сите нивоа на образование (основно, средно и високо) од областа на уметностите денеска учествувале на онлајн-дебата во рамки на јавната расправа за нацрт-концепцијата за основно образование.

Како што информира Министерство за образование и наука, на состанокот биле кажани предлози и коментари на професорите од уметностите во врска со предложените реформи, но и констатирано дека тие се неопходни.

Министерката Царовска истакна дека реформите требало да се случат уште пред десетина година и дека не се брза со новиот концепт, туку се доцни.

– Првпат во последната деценија во нашата држава во делот на образованието се прават реформи на исклучително транспарентен начин и со вклученост на сите страни и дека ќе се најде баланс во предлозите со цел да се направат реформи во најдобар интерес на децата, рече Царовска.

Министерката посочи дека со предложената концепција се дава слобода на наставниците од уметностите во држењето на наставата и внесување на овие предмети и во првите два развојни периода, што сега не постои.

– Исто така, започнуваме со вложување и опремување на училиштата во кабинети и други простории каде што учениците ќе може низ практична настава да се запознаат со предметите и да се стекнат со знаења, рече Царовска.

Министерството за образование и наука информира и дека ги продолжува дебатите и консултациите за Нацрт-концепцијата и дека од средината на декември до сега за предложената реформа биле консултирани сите засегнати страни, претставници од релевантни институции, универзитетски професори, над 4000 наставници, но и родители и ученици.

Поврзани новости