ЕУЛЕКС го приведе Красниќи, екс претседателот на Собранието на Косово

by fokus

Поранешниот претседател на Собранието на Косово и некогашен портпарол на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Јакуп Красниќи, денеска треба да биде спроведен во притворското одделение на Специјалното обвинителство на Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово, чие седиште е во Хаг, информира адвокатот на Красниќи, Ваљон Хасани.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Хасани потврди дека против Красниќи е подигнато обвинение за злосторства против цивилното население во текот и непосредно по војната во Косово во 1998-99 година.

– Се што можам да потврдам е дека има претреси и обвинението е потврдено. Сега треба господинот Красниќи да се префрли во Хаг и верувам дека тоа ќе се случи во текот на денешниот ден.

Припадници на полицијата на Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, денеска изведоа операција, во која извршија претреси во семејните куќи на Красниќи во Приштина и во неговото родно село Негровце, како и на други локации во косовскиот главен град.

Во врска со операцијата на ЕУЛЕКС реагира Владата на Косово, која вели дека внимателно го следи целиот развој на настаните.

– Косово, носителите на институциите, како и неговите граѓани во континуитет давале пример за почитувањето и соработката со домашната и меѓународната правда. Исто ќе се постапи и овој пат со Специјализираните комори во Хаг, кои се дел од правниот систем на Република Косово. Презумпцијата на невиност треба да се почитува во секој случај се додека нема друга одлука на надлежан суд, се вели во соопштението на Владата.

Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот во Хаг, а кој во косовската јавност е познат како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии.

Покана да се јават пред Обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК.

Меѓу повиканите во Хаг, како осомничени, се и двајца од основачите и водачи на ОВК, актуелниот претседател на Косово, Хашим Тачи, и лидерот на Демократската партија на Косово и доскорешен собраниски спикер, Кадри Весели, како и шефот на главниот штаб на ОВК, подоцна и премиер на Косово, генералот Агим Чеку.

Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.

Поврзани новости