Копенхаген е најбезбедниот град во светот, според индексот објавен од лондонската Economist Inteligence Unit (ЕИУ), која рангира 60 меѓународни дестинации врз основа на дигитална, здравствена, инфраструктурна и лична безбедност, како и заштита на животната средина, што е нова категорија воведена годинава.
Главниот град на Данска за првпат е прогласен за најбезбеден град во светот, постигнувајќи 82,4 поени од 100.
-Еден од клучните фактори што го прават Копенхаген толку безбеден град е неговата ниска стапка на криминал, која во моментов е на најниско ниво во повеќе од една деценија, изјави градоначалникот на Копенхаген, Ларс Вајс.
„Копенхаген, исто така, се карактеризира со голема социјална кохезија и релативно мал јаз во богатството. Тоа е мешан град, каде и асистентот за чистење и директорот се среќаваат во локален супермаркет и имаат деца во истото училиште“.
Канадскиот град Торонто го освои второто место со 82,2 поени, додека Сингапур е трет со 80,7 поени.
Иако Сиднеј заврши на четвртото место со 80,1 поени, австралискиот град е на врвот во категоријата за дигитална безбедност, додека на Токио му се доделени 80 поени, со што јапонскиот град падна на петтото место.
Амстердам од Холандија е шести, додека Велингтон од Нов Зеланд е на седмо место. Мелбурн е на осмото место, додека шведската престолнина Стокхолм е на десетто место.
На дното на листата се нигериски Лагос, египетски Каиро, венецуелски Каракас, пакистански Карачи и Јангон во Мјанмар.