Галовеј: Северна Македонија треба да продолжи со реформите не за ЕУ, туку за подoбар живот на граѓаните

by fokus

Државите во светот на претстојниот КОП26 закажан за ноември треба да покажат што ќе испорачаат во однос на климатските промени од тоа што беше договорено во Париз. На следниот КОП не се цели кон постигнување нов договор, туку се очекува презентација на тоа што секоја земја во светот ќе стори за заштита на животната средина. На КОП-26 во Глазгов во ноември ќе се соберат светските лидери, а меѓу нив ќе присустува и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Ова во интервју за МИА го истакнала британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј, чија земја, заедно со Италија се домаќини на овогодинешниот КОП.

Таа нагласува дека земјите треба да ги покажат своите заложби во однос на Парискиот договор, со оглед на тоа што во моментов ветувањата не се исполнети, а температурата ќе продолжи да расте над 1,5 степени.

Амбасадорката Галовеј зборува за мерките што ги презема британската Влада за справување со климатските промени, за начинот на кој развиените земји практично им помагаат на земјите во развој да постигнат зелен развој, а во таа насока и за поддршката која Обединетото Кралство и ја дава на Северна Македонија за заштита на животната средина.

Меѓу најпознатите проекти е „Разбистри се“, за кој Галовеј вели дека е важна кампања, која постигнала резултати, а Владата ја искористила во своите консултации со еко-организациите во изготвување на новиот закон за води и новиот закон за минерали суровини.

Вели се уште има многи работа за да се „разбистриме“, потребно е да продолжат консултациите со сите чинители, а вистинскиот тест, како што посочи е имплементацијата.

Галовеј во интервјуто за МИА говори и за другите проекти со кои британската Амбасада во земјава ја поддржува заштитата на животната средина, а меѓу нив го споменаува „Хотел за пчели“, кој има цел пчелите да се вратат во животната средина.

Галовеј вели и дека Северна Македонија вложила многу труд во реформската агенда, од справување со корупција, владеење на правото и поради тоа земјата е членка на НАТО и добила силни препораки за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

-Отсекогаш силно сме ги поддржувале евроатлантските амбиции на Северна Македонија и сметаме дека земјата-кандидат треба да биде оценувана според критериумите, а амбициите не треба да престанат поради билатерални спорови. Ќе напоменам дека Северна Македонија се покажала како лидер во регионот, а и во поширокиот регион, со нејзиниот пристап кон билатерални спорови. Се надевам дека прашањата ќе бидат решени наскоро, но во меѓувреме, најважното што Северна Македонија треба да го направи е да продолжи со реформите не за ЕУ, туку бидејќи тие ќе го подобрат животот на граѓаните. Тоа е најважно, порача Галовеј во интервјуто за МИА.

Поврзани новости