Еуфорија

by Фокус

Планирај едно – троши на друго. Проекти почнати, договори за кредити потпишани, средствата неповлечени зашто не се гради, ама затоа камати ќе плаќаме! Ова е резултатот на таа еуфорија што ја видовме и за Коридорот 8…

Пишува: Гордана ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА

И официјално се одбележа стартот на изградбата на Коридорот 8. Настанот организиран на највисоко ниво, целиот државен врв беше присутен, чиниш точно знаат како овој проект ќе почне и ќе заврши.

Зошто во западноевропските земји нормално е да знаеш каков е проектот и врз основа на тоа да подготвиш финансиска пресметка/физибилити студија за исплатливоста на него.

Ама, за да го направиш сето ова, треба да го знаеш, а ние денес сме сведоци дека власта е тотално изгубена, а надзор над истиот овој проект за кој никој не знае каков е, ќе врши лице што едвај завршило средно училиште.

Јасно е како ден, каква власт – такви проекти.

БРОЈКИТЕ СЕ ЗАСТРАШУВАЧКИ

Разбирлива е еуфоријата на дел од политичарите, кои во светот на незнаењето изјавија, цитирам: „Да му се заблагодарам на еден човек, кој ни го пренесе неговиот сон и ни овозможи тоа да го направиме реалност…“, „Да го поврземе целиот Балкан со мостови…“, „Што поскоро да почнеме да го користиме овој пат…“

Но, никако не можам да ја разберам еуфоријата на првиот човек на Владата, кој воедно е и економист и кој би требало да ги знае работите подобро од другите, односно дека никој не знае колку ќе чини проектот на крај (искуството покажува дека во анексите секогаш цената на проектот оди нагоре), дека треба да му бидат планирани во Буџетот за 2023 година, како и во среднорочната фискална стратегија (во која еднаш ги има, па потоа ги нема, зависно од тоа што сакаме да покажеме пред меѓународните финансиски институции), но во исто време да знае дека капиталните расходи може да ги реализира само под услов буџетот да се полни како што е предвидено.

А, дали буџетот ќе се оствари согласно планираното? Секако дека не! Бројките се повеќе од јасни, единствено овие еуфоричните не можат да ги прочитаат. Кога ќе се погледне реализацијата на ДДВ за првите два месеца, бројките се застрашувачки.

Имаме пад на нето ДДВ за 6,3 проценти во однос на минатата година, додека, пак, на квартална основа, тој пад е 3,81 проценти. Тоа значи дека за да може да се реализира ДДВ-то како што е планирано во буџетот за 2023 година, во следните 9 месеци треба да имаме раст од најмалку 30 проценти во однос на минатата година. Ова е бројка што не се остварувала ниту во најдобрите години за македонската економија.

Врз база на овие остварувања, можеме да заклучиме дека најмалку 230 милиони евра ќе имаме помалку реализирани приходи само по основ на ДДВ.

„КРЕВОК“ БУЏЕТ

Од друга страна, поголемото остварување кај данокот на личен доход и данокот на добивка не може ни одблизу да ја покрие дупката што ја создава ДДВ-то. Или заедно со акцизите и неданочните приходи, кои не се реализираат согласно планираното, приходната страна нема да се оствари за најмалку 250 милиони евра.

Во однос на наплатата на придонесите, тие се остваруваат согласно планираното и се очекува зголемување поради порастот на минималната плата. Во исто време, ќе биде потребен и ребаланс на Буџетот, бидејќи порастот на пензиите не е земен предвид, т.е. трансферите до ПИОМ ќе бидат повисоки отколку планираните.

Доколку на ова се додаде и барањето за повисоки плати речиси во сите државни институции, тоа ќе значи дека расходната страна ќе се зголемува, а приходната нема да се реализира согласно првичниот план.

На крај, како и секогаш, ќе има ребаланс на Буџетот, кој ќе доведе до кратење на капиталните расходи. Е тука веќе се поставува прашањето: како некој планира да реализира проект како Коридор 8, кога за него нема да има средства во Буџетот?

За мене не е ништо чудно, ниту ново, затоа што секоја година ја имаме истата слика, проектирани капитални инвестиции во огромни износи, а реализацијата слаба.

Притоа, наместо инвестиции во основни средства, имаме докапитализации што се трошат за тековно работење. И така во круг. Планирај едно – троши на друго. Проекти почнати, договори за кредити потпишани, средствата неповлечени зашто не се гради, ама затоа камати ќе плаќаме! Ова е резултатот на таа еуфорија што ја видовме и за Коридорот 8.

А во меѓувреме, Министерство за финансии сѐ уште ги чека претставниците на ММФ во мисија. Дали тие не доаѓаат затоа што не е испочитуван договорот пред почнување на проектот да ја добијат физибилити студијата (која ја нема)? Дали целта беше да се види таа студија за да се направат пресметки во кои рокот на враќање на кредитите за Коридорот 8 ќе биде подолг?

Затоа што нашиот и онака „кревок“ буџет, овој проект на ваков или таков рок без точно дефинирани пресметки, нема да го издржи.

(Авторката е потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ)

Поврзани новости