Во експертскиот извештај што вчера еврокомесарот Хан му го предаде на вицепремиерот Бесими се заклучува дека УБК изледа работела надвор од своите овластувања во полза на Владата за да ги контролира највисоките претставници на јавната администрација, обвинители, судии и политички опоненти со консеквентно мешање во независноста на судството и други институции, пренесува НОВА ТВ.
Според порталот, останатите заклучоци од извештајот, кој беше работен изминатите два месеца по нарачка на Европската комисија, се следниве:
1. Снимките со прислушуваните материјали се со квалитет, обем и опсег што генерално може да се смета дека се правени во Службата за разузнавање.
2. Аферата откри масовно прекршување на фундаменталните права, вклучително и оние за слободата да се учествува во јавниот живот и да се гласа, еднаков пристап до јавните добра, правото на приватност и правото на независно и непристрасно судство, односно правото на пристап до правда.
3. Директно инволвирање на владини и партиски високо рангирани функционери во нелегални активности, вклучително изборни измами, корупција, злоупотреба на власт, конфликт на интереси, уцени, изнудувања, тешки прекршувања во јавните набавки и непотизам.
4. Корупцијата е најсериозниот проблем со којшто се соочува земјата, дури заслужува можеби и посебен извештај како проблем со оглед на тоа дека политичката корупција е присутна на многу нивоа.
5. Основите на суштинските стандарди на демократско владеење треба допрва да бидат исполнети, се вели како заклучок во однос на демократските стандарди.