Лидерите на ЕУ денеска не постигнаа согласност околу помошта за излез од длабоката криза предизвикана од корона вирусот, но европските лидери и дадоа зелено светло на Европската Комисија за изготвување на инвестициски пакет за закрепнување, кој ќе биде поврзан со повеќегодишниот буџет на Унијата.
Како што најави претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во прашање се трилиони евра.
-Пакетот ќе биде мешавина на грантови и позајмици – истакна фон дер Лајен.
Инаку, буџетот 2021-2027 на Европската Унија се уште не е изгласан, а износот на Фондот за закрепнување ќе зависи токму од големината на овој буџет.
-Се договоривме за јасна рамка, ова е огромна криза и важно е да работиме на идната повеќегодишна финансиска рамка, да ја искористиме оваа силна алатка на солидарност, а истовремено да работиме на фондот за закрепнување – рече претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.