Европската унија објави Извештај кој содржи 40 препораки за подобрување на функционирањето на Судскиот совет. Евроамбасадорот Дејвид Гир оцени дека судството е дојдено до критична точка и потребно е да има итна акција.
Дел од 40-те препораки во извештајот на оценската мисија на Европската Унија се однесуваат на критериуми за тоа кој може да биде член на судскиот совет, дефинирање на поимот истакнат правник, но и јасни процедури за разрешување на член и на претседател на судски совет.
Како што се наведува во извештајот препораките колку и да се добри, ако не се спроведат со политичка волја и врз принципот на интегритет, одговорност и транспарентност ќе бидат безвредни.
Вкупно 17 препораки се однесуваат на подобрување на праксата и работењето на самиот Судски совет и може да бидат спроведени, без никакви законски измени. Од нив, седум се однесуваат на транспарентноста и десет за изборот и унапредувањето на судии, што е клучна функција на Судскиот совет.
– Доколку Судскиот совет спроведе 17 препораки во следните неколку месеци, тоа би било револуција. За останатите се потребни законски или уставни измени, но нема причина да се одложуваат овие, со оглед на временската рамка за изборите, порача евроамбасадорот Ричард Гир.
Останатите мерки, предвидуваат уставни или законски измени и се однесуваат на тоа кој може да биде избран за член на Судскиот совет, должината на мандатот, дефиницијата „истакнат правник“, воспоставување рамка за начинот и постапката за разрешување на претседател на Советот, одговорноста на членовите на Советот, како и образложување на постапката и одлуката за санкционирање на судии.
Извештајот е веќе споделен со властите и надлежните институции и нема да биде јавно објавен.