Европската комисија се надева на конкретни резултати во блиска иднина од средбите помеѓу политичките лидери во Македонија, рече денеска пред новинарите во Брисел, портпаролката на комесарот Хан, Марија Коцијанчиќ.
-Комисијата ги поздравува континуираните преговори помеѓу политичките лидери во Македонија, кои се однесуваат на имплементацијата на препораките кои ги претстави ЕК во однос на договорот од 2.јуни, а комесарот Хан веќе ја изразил својата подготвеност да биде медијатор меѓу партиите доколку е неопходно- изјави портпаролката.
Сепак, како што рече Коцијанчиќ, засега нема потврда за следна лидерска средба со комесарот Јоханес Хан.
Вчера, по средбата меѓу Заев, Груевски, Тачи и Ахмети која траеше час и половина владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ испратија идентично соопштение во кое се вели дека лидерите на политичките партии ги продолжиле дискусиите за точната организација на владата што ќе ги подготви изборите, како што е предвидено во шестата точка од договорот од 2-ри јуни, а ќе се сретнат во наредните денови повторно.