Економијата на еврозоната најверојатно нема да се врати на нивото пред пандемијата до идната година, а закрепнувањето би можело да трае подолго, изјави главниот економист на Европската централна банка (ЕЦБ), Филип Лејн.
„Во секој случај, гледано од сегашната перспектива, се чини дека економската активност нема да се врати на нивото пред кризата пред 2021 година и закрепнувањето би можело да трае подолго“, изјави Лејн.
ЕЦБ континуирано ја следи ситуацијата и е подготвена да ги приспособи сите инструменти доколку е потребно, вклучително и програмата за итни случаи за време на пандемијата.
Според Лејн, доколку ЕЦБ забележи дека условите за финансирање се премногу строги или дека притисокот на одредени пазари на обврзници не ги одразува економските показатели, ќе можат да ја приспособат вредноста или роковите на набавка на средства, што можат флексибилно да ги распределат со тек на време и сегменти на пазарот.